ВИДЕО | Дани Димитровска: Има љубов во сите нас, само треба да се потсетиме

Фото: Слободен печат

По две години пауза од музичката сцена во Македонија, Дани Димитровска се враќа во полн сјај со нова песна и видеоспот „Има љубов во нас“.

Песната ја потпишува Весна Малинова, со која Дани соработува долги години. Промоцијата на песната и видеоспотот поминаа одлично, со веројатно истото чувство на воодушевување кај сите. Дани нѐ потсети на нејзината рокерска нишка, со која некако сите ја поврзувавме, овој пат позрела и пољубовна од секогаш. „Утрински печат“ гостуваше на промоцијата каде што разговаравме со Дани за нејзините впечатоци и мечти за во иднина.

Фото: Слободен печат

Соработката со Весна Малинова уште еднаш резултира со искрена и емотивна музичка приказна, која, пак, Дани, како што самата вели, мајсторски ја пренесува.

„Со Весна Малинова сме поврзани уште од пред 23 години и таа релација постојано градира. Таа е еден од ретките ликови во мојот живот, со кои можам искрено да се изнамуабетам, да се смеам и да плачам, бидејќи постои разбирање. Таа ме научи на разбирање, и тоа е нешто што вистински го почитувам и ќе го почитувам до крајот на мојот живот, бидејќи ние заемно учиме лекции, преку сопствените искуства. Оваа музика настана од нашата поврзаност, секако Весна е изворот, но таа често знае да ми каже дека јас сум ѝ инспирација. Сите мои приказни од секојдневието се инспиративни и за неа и таа од таму влече парчиња, коишто се реални, но ги преточува во некои свои мудри поетски искази“, вели Дани.

Материјалот за новиот албум е веќе 60 отсто готов, а фокусот на Дани овој пат нема да биде на тоа, како ќе биде прифатен, туку како таа ќе го презентира пред публиката.

„Многу се радувам на целиот нов материјал, и овој пат навистина не се осврнувам на тоа какви ќе бидат реакциите на „масата“. Чинам дека фокусот е секогаш на тоа што ќе каже „масата“, но замислете ако ние сите се фокусираме на тоа какви ќе бидат реакциите, тогаш нема да имаме никаков развој, ниту индивидуалност. Може да се очекува сериозно жестока енергија и директни пораки во новиот албум кој е во подготовка, а во него сите песни содржат љубов. Оние што ќе го примат, се отворени да примат љубов, а отворените срца се тие со кои јас најбрзо и најлесно се поврзувам. На ‘затворените’ им треба време, не дека не можат, има љубов во сите нас, само треба да се потсетиме“, објаснува Дани.

Кога новиот материјал ќе си го најде патот до слушателите, следниот чекор е искуството на концертно доживување на она што било снимено во студио. Плановите на Дани одат во таа насока, со надеж дека публиката ќе има можност на концерт да ги преслуша песните кои ќе се најдат на новиот албум.

„Јас сум ‘давач’, спроводник на она што Весна го напиша, меѓутоа, знам, и тоа како, да ја дуплирам нејзината емоција, дури и малку поенергично да ја пренесам. Мојата цел, желба и сон е концертно да го промовирам албумот, и во моментот работам на тоа, меѓутоа, чекор по чекор. Ова е првата песна со која го најавувам материјалот, кој треба да е готов до крајот на годинава, по што се надевам дека ќе стигнеме до концерт каде што или ќе си ги отвориме срцата или нема да помине концертот. Во двата случаи имаме искуство, а тоа е она што нѐ прави луѓе“, вели Дани.

Повеќе од разговорот со Дани можете да погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот