ВИДЕО | Дали знаете дека во култниот хотел „Бристол“ на парче хартија од бурек се пишувале песни?
Во далечната 1923 година, во Скопје почнала изградбата на хотел што ќе стане симбол на градот. Една година подоцна, на 24 април 1924, „Бристол“ се отворил со блесок што го размрдал цело Скопје.
Препорачано
Модерен, елегантен и европски – пред Европа да ни стане блиска. Редовно гостувале имиња што денес се легенди: Петре Прличко, Тодорче, Прешо, Димче Трајковски, чика Мита… Но, единствен официјален „жител“ бил боемот Панче Уневски – толку бил редовен што имал „своја маса“.
Хроничарите, пак, забележале дека поетот Раде Драинац, во „Бристол“ на парче хартија од бурек ги напишал своите најубави песни.
Во „Бристол“ вирее и симбол на една голема љубов меѓу познатата англиска писателка и патописец Сисилија Изабел Ендрус, позната под псевдонимот Ребека Вест, и српскиот интелектуалец Станислав Винавер.
Во поранешната бавча на хотелот се наоѓал огромен орев, за кој се верува дека бил љубовен дар од Станислав до англиската писателка, како спомен на нивната романтична врска. Овој орев бил еден од најубавите во Скопје…
Исто така, младиот грчки вдовец Јоргос, за кој е направен филмот „Гркот Зорба“, бил посетител на „Бристол“, а според некои кажувања и починал во хотелот.
Во доцните 60-ти и во раните 70-ти години на минатиот век, „Бристол“ го менува карактерот и станува сврталиште за сексуални работнички.


