ВИДЕО | Блуз легендата Бади Гај ќе полни 90 години, по тој повод најави нова турнеја
Блуз великанот Бади Гај најави нови датуми за турнеја во 2026 година, само нешто повеќе од една недела откако освои Греми награда за најдобар традиционален блуз албум со изданието „Ain’t Done with the Blues“. Меѓу закажаните концерти е и настапот на 18 јули во салата „Kleinhans Music Hall“ во Бафало, сојузната држава Њујорк.
Препорачано
Гај, кој на 30 јули ќе наполни 90 години, важи за една од најголемите живи легенди на блуз-гитарата. Зад себе има хитови како „Stone Crazy“, „Feels Like Rain“ (со Бони Рејт) и „Damn Right, I’ve Got the Blues“.
Тој е деветкратен добитник на Греми и член на „Rock and Roll Hall of Fame“. Во текот на кариерата свирел со легенди како Мади Вотерс и Џуниор Велс, а извршил огромно влијание врз гитаристи како Ерик Клептон, Џими Хендрикс, Кит Ричардс, Џими Пејџ, Џеф Бек и Џон Маер.
Иако уште во 2022 година најави проштална турнеја, Бади Гај очигледно не планира да запре. Во 2025 година се појави и во филмот „Sinners“, каде што ја толкува постарата верзија на ликот „Preacher Boy“ Сами, додека главната улога ја игра Мајкл Б. Џордан.
„Ќе го правам ова додека можам, бидејќи оваа година полнам 90. Кога ќе стигнете до тие години, ви треба помош за да излезете на сцена. Но додека прстите барем малку ми се движат, ќе свирам колку што можам. А ако не можете да им го дадете на луѓето тоа што го платиле, тогаш време е да се тргнете од патот.“, изјави Гај во јануари.
Со ваква енергија и на прагот на деветтата деценија, Бади Гај уште еднаш покажува дека вистинските легенди никогаш не заминуваат од сцената.


