Ана Костовска - Фото: Фејсбук/АнаКостовска

ВИДЕО | Безвременска харизма и ангелски глас: Актерката Ана Костовска денеска го слави својот 62. роденден

Ана Костовска е родена во Скопје на 4 март 1963 година. Таа е македонска актерка и пејачка, препознатлива по бројните главни и споредни улоги во театарски претстави од различни продукции, како и по настапите во телевизиски и филмски проекти. Меѓу најпознатите е телевизиската серија „Бушава азбука“, за која ги изведува и насловните нумери.

Костовска е главен вокал на култната група од осумдесеттите „Бастион“, а во текот на кариерата соработувала со Кирил Џајковски, Милчо Манчевски, Влатко Стефановски, Драгиша Солдатовиќ – Лабиш и други.

Во 1985 година дипломирала на Факултетот за драмски уметности, Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во класата на проф. Владимир Милчин. Веднаш по дипломирањето ѝ се приклучува на трупата К.П.Г.Т. на режисерот Љубиша Ристиќ, каде го усовршува својот актерски занает со врвни југословенски театарски творци. Во 1995 година се сели во Белград, каде продолжува да работи како актерка, а во 2001 година се враќа во Скопје.

Од 2007 година е вработена во Драмски театар Скопје.

Во театарот остварила бројни значајни улоги, меѓу кои Лавинија во „Тит Андроник“, Маргарита во „Ричард Трети“, Регана во „Крал Лир“, Хермија во „Сон на летната ноќ“ и Клеопатра во „Антонио и Клеопатра“ од Вилијам Шекспир, Аркадина во „Галеб“ од Антон Павловиќ Чехов, Мама Иби во „Крал Иби“ од Алфред Жари, Јулија во „Госпоѓица Јулија“ од Август Стриндберг, Понсија во „Домот на Бернарда Алба“ од Федерико Гарсија Лорка, како и улоги во дела од Иво Андриќ, Хорхе Луис Борхес, Софокле, Џорџ Орвел, Молиер, Данило Киш, Глигор Прличев и Бертолт Брехт.

Покрај театарот, има богата филмска кариера. Настапила во филмовите „Танго – тажна мисла која се танцува“ во режија на Пуриша Ѓорѓевиќ, „Големата вода“ на Иво Трајков, „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски, „Сенки“ и „Врба“ на Милчо Манчевски, „Јас сум од Титов Велес“, „Кога денот немаше име“ и „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска, „Беса“ на Срѓан Карановиќ, „До балчак“ на Столе Попов и „Ослободување на Скопје“ на Раде Шербеџија.

За својата работа има добиено значајни признанија, меѓу кои Наградата на новинарите за најдобра женска улога за Мама Иби во „Крал Иби“ во режија на Харис Пашовиќ на Битеф во 1994 година, како и наградата за најдобра женска интерпретација на 10. „Festival du Cinéma Européen en Essonne“ во 2008 година за филмот „Јас сум од Титов Велес“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот