Фото: Министерство за одбрана на Албанија / Принтскрин

ВИДЕО: Албанија доби новогодишен „подарок“ од Америка: Се поднови со противтенковски системи „Џавелин“

Албанија доби противтенковски системи „Џавелин“ од САД, како „подарок“ за албанската армија по повод Новата година. Според албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу, оваа донација ги зајакнува одбранбените капацитети на албанската војска, ги зголемува одвраќачката моќ, интероперабилноста со НАТО и националната безбедност, објави „Газета експрес“.

„Испораката на првата серија од системите ‘Џавелин’ штотуку е завршена, а Албанија и Косово, тоа е точно, се дел од оваа билатерална помош и соработка со САД,“, изјави Венгу во видео објавено на неговиот Инстаграм профил, снимено во база на Копнените сили чија локација не е откриена.

Според министерот, набавката на овие системи е значајна од три причини.

„Првин, зашто станува збор за одамнешно барање на нашите сили кое конечно се реализира. Второ, зашто соработката со САД останува клучна за јакнење на нашите капацитети и на зголемување на одбранбените способности. Станува збор за противтенковски системи, кои во одредени ситуации можат да послужат и за неутрализирање на заканувачки елементи на кратки растојанија. Трето, подеднакво важно, е поврзано со обуката на нашиот борбен персонал за користење на современи системи, опрема и технологии. Значи, ова има тројно значење,“ нагласи Венгу.

Министерот не откри колкава количина на ракетни лансери добила Албанија, но најави дека уште една испорака е планирана за 2026 година.

За потсетување, пред повеќе од три години Албанија најави дека набавува противтенковски ракети од типот „Џавелин“ со цел да ги зајакне своите одбранбени капацитети.

Тогашниот министер за одбрана Нико Пелеши потврди дека е потпишан договор со американската компанија „Локхид Мартин“, без да прецизира колкав број ракети се купени, колку чинат и кој е рокот на испорака.

Претходно, „Локхид Мартин“ соопшти дека американската армија доделила два договори за производство на ракети „Џавелин“ и придружна опрема и услуги, во вкупна вредност од 309 милиони долари.

Во рамки на тие договори беа предвидени повеќе од 1.300 ракети финансирани од американскиот пакет за помош за Украина, како и испораки за неколку меѓународни клиенти, меѓу кои Албанија, Норвешка, Латвија и Тајланд, објави тогаш „Асосиејтед прес“.

Министерот нагласи дека набавката не треба да се толкува како одговор на конкретна закана.

ФОТО Косово доби најнапредни противтенковски системи од Германија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот