Вицепремиерот Фетаи не остави ни своја слика во кабинетот — недозволено владеење на одговорниот за добро владеење
Веќе еден месец вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи ги бојкотира владините седници и никој не знае дали до реконструкцијата на Владата, најавена за крајот на мај или почетокот на јуни, воопшто ќе се појави на „Илинденска“
Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи веќе еден месец има минус по добро владеење, односно ги бојкотира владините седници и никој не знае дали до реконструкцијата на Владата, најавена за крајот на мај или почетокот на јуни, ќе се појави на „Илинденска“.
Препорачано
Информацијата дека Фетаи не доаѓа на работа ја откри министерот за здравство Азир Алиу, сопартиец на Фетаи од Вреди. Од Владата велат дека како колективно тело функционираат непречено и во полн капацитет, но ниту ја потврдуваат ниту ја негираат информацијата дека Фетаи не учествува на владините седници.
Алиу во интервју за „360 степени“ рече дека во изминатиов период не разговарал со Фетаи, бидејќи тој не доаѓал на седниците на Владата, но појасни дека не отсуствува поради здравствени проблеми. Алиу вели дека нема информации зошто отсуствува Фетаи. Министерот за здравство не прецизира дали при реконструкцијата на Владата, Вреди ќе му предложи на премиерот Христијан Мицкоски да остане на вицепремиерската функција или ќе бара тој да биде сменет.
Од Владата за „Слободен печат“ велат дека функционираат во полн капацитет.
– Како Влада, нема да навлегуваме во изнесени ставови на поединци. Како колективно тело, Владата функционира непречено и во полн капацитет. Во однос на прашањата што се однесуваат на работниот ангажман, ве упатуваме директно да ги адресирате до Арбен Фетаи – велат од Владата.

Владата не одговори дали Фетаи еден месец не се појавил на владините седници ниту дали воопшто доаѓа на работа. Не ги објаснија ниту причините за отсуството на вицепремиерот, ниту дали за тоа го информирал премиерот Мицкоски и дали воопшто ќе се врати на работното место или ќе биде сменет при реконструкцијата на Владата.
Одговор не добивме ниту од вицепремиерот Фетаи за причините за неговото отсуство ниту за тоа што планира, односно дали ќе поднесе оставка или ќе чека разрешување од функцијата.
Високи функционери од Вреди брифираат дека Фетаи извесен период престојува во Белгија кај своето семејство. Според други извори, вицепремиерот бил во Белгија, по што е виден во Скопје, ама не доаѓа на работа.
Потврда дека Фетаи не оди на работа стаса и од информацијата на Вреди дека со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ постигнале целосна согласност за финалната верзија на пакет- законите за реформи во високото образование. На фотографиите споделени од Вреди го нема Фетаи, а на состанокот со премиерот Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска, се првиот вицепремиер Беким Сали, но и градоначалниците на Тетово и на Чаир и идни претседатели на Вреди, Билал Касами и Изет Меџити.

Вицепремиерот Фетаи и министерот за здравство Алиу се одвоија од крилото на Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари, кога тој во мај 2025 година ја напушти Владата. Како што објави „Слободен печат“, недоразбирањата и разидувањето помеѓу Фетаи и Алиу настана кога се забрза процесот на обединување на Вреди во партија, односно кога Фетаи го отфрли предлогот со идната партија да копретседаваат двајца претседатели – Меџити и Касами, а нивните партии Демократско движење и Беса да учествуваат со по 35 отсто во раководните структури, додека Алтернатива, Алијанса за Албанците и Самоопределување да го поделат остатокот од „колачот“.
„Слободен печат“ дознава: Партијата Вреди ќе има двајца претседатели – Касами и Меџити
На ова се спротивставија Алтернатива, Алијанса и Самоопределување и крајниот договор се сведе на еднакво учество на петте субјекти во новата партија. Освен Меџити и Касами како нови лидери, партијата Вреди ќе има двајца потпретседатели, и тоа Беким Ќоку од Самоопределување и Мимоза Муса од крилото на Алијанса за Албанците која остана во Владата. Генерален секретар ќе биде вицепремиерот Беким Сали од Алтернатива.
Алиу во интервјуто за „360 степени“ рече дека постоеле несогласувања на Фетаи во однос на политиките на Вреди и на Владата, но тие биле решени во рамките на коалицијата и дека во политиката е потребно секој да внесе енергија, знаење и промени, а кога некој не се чувствува како дел од една група, тогаш легитимно е да се разделат. Прашан дали треба да се очекува Фетаи да биде заменет со нов кадар, Алиу вели дека во моментов Вреди работи на новата партија.
– Во моментот, знаете, ние работиме на дефинирање на органограмот на Вреди, сега веќе како политичка партија, и сѐ уште не сме стигнати до нивото на анализа на перформансите на директорите, замениците, министрите и перформансите во Владата во целина за секоја политичка партија дел од Вреди – рече Алиу.
Подобро да си во опозиција, отколку кукла во влада, смета Таравари


