Од промоцијата на Водичот за примена на ВИ во образованието, фото: МОН

Вештачка интелигенција во образованието: Обуки и алатки за наставниците, ама треба и интернет за училиштата

Министерството за образование и наука (МОН) од стартот на учебната 2025/2026 година започна чекори за воведување вештачката интелигенција (ВИ) во училиштата, како дел од процесот на дигитална трансформација на образовниот систем. Целта е да се унапреди квалитетот, ефикасноста и инклузивноста на образованието, за што веќе има подготовка на наставниот кадар, како и на учениците, за да може сите да ги зајакнат дигиталните вештини и, потоа, правилно и етички да ја применуваат ВИ во наставата. Меѓувремено попатно треба да се работи и на интернет поврзување и соодветна инфраструктура во училиштата.

Од МОН за „Слободен печат“ велат дека веќе бил потпишан меморандум за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, односно со Факултетот за информатика, додека работна група составена од претставници на министерството и факултетот, изготви Водич за наставници, стручни соработници и ученици за примена на ВИ.

Документот е проследен до сите училишта.

„На 120 страни, сеопфатно, водичот се осврнува на историјата на вештачката интелигенција и дефинициите за истата, на видовите вештачка интелигенција, како да се применуваат најпознатите алатки на вештачката интелигенција за создавање и уредување текст, за слики и мултимедија, за истражување и учење, за музика и слично. Понатаму, како да се користат алатките по одделни области – математика, природни науки, јазици и литература, историја и општествени науки. Како да се препознаваат можни злоупотреби на податоци и слично“, ни посочуваат од МОН.

Исто така, нагласуваат оттаму, потпишан е и меморандум за соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, како би се обучиле наставници од основно образование.

„Веќе се спроведени обуки на 700 наставници, во траење од по 6 часа. Додека воспоставената соработка со приватната високообразовна школа Бреинстер предвиде обуки за наставници од средните училишта, за што беше спроведен јавен повик, беа селектирани 200 наставници од сите средни училишта во државата и тие веќе ја поминаа обуката“, велат од министерството.

МОН изработило и дигитални интерактивни учебници за 4-то, 5-то и 6-то одделение, достапни на сите наставни јазици. Засега, се разгледува можноста да се вклучат ВИ алатки во дигиталните учебници, за да може тие полесно да ги користат учениците.

Сепак, за да имаат пристап до ВИ-алатките, потребно е училиштата да се мрежно поврзани и да имаат високо-достапен интернет. Овој проблем беше евидентиран и при истражувањето ТАЛИС (TALIS) за 2024 година. Меѓу оние наставници што кажале дека не користеле ВИ во наставата, 50 отсто немале знаење и вештини, додека кај 56 проценти изоставувала инфраструктура во училиштата.

„Започнат е процес на воспоставување на комплетно нова мрежна инфраструктура со обезбеден безжичен пристап до интернет во сите училници, кабинети и канцеларии во училиштата. Досега, мрежната инфраструктура е воспоставена во повеќе од 100 училишта, а бројот на опремени училишта постепено ќе го зголемуваме и во следниот период“, ни одговорија од ресорното министерство.

Алатки за генерирана вештачка интелеганција (ВИ) во Македонија користат 45,4 отсто од младите на возраст од 16 до 24 години, што е под европскиот просек од 63,8 проценти, покажуваат податоците на Евростат за 2025 година. Употребата на ВИ кај нашите млади е најниска и во регионот.

Како што коментираа познавачите за „Слободен печат“, во пракса, овие бројки не се само статистика, тие сигнализираат опасност од јаз во дигиталните способности на младите.

Според Марина Тунева, експертка по стратегиски комуникации и професорка, резултатот на Евростат може да се чита на два начина. Прво ВИ, објективно, е сè подостапна преку алатки, а второ, понискиот степен на употреба најчесто значи дека она што е технолошки достапно – не сме го претвориле во дигитална компетенција.

„Младите се снаоѓаат индивидуално, без доволно поддршка преку образованието, јавни сервиси и јасни правила за безбедна и одговорна употреба“, ни изјави Тунева.

Вештачката интелигенција не е само играчка, туку зборува за дигиталната способност на младите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот