Фото: Pexels

Вежбањето како заштита од деменција: Кардио вежбите се клучни, покажува истражување

Физичката активност не е корисна само за борба против саркопенија, односно губење на мускулната маса поврзано со стареењето. Истражувањата укажуваат дека редовното вежбање значително го намалува ризикот од развој на деменција, пишува „Е-клиника“.

Според студија од 2022 година, само 3.800 чекори дневно можат да ја намалат веројатноста за развој на деменција за 25 отсто, а придобивките растат сè до околу 9.800 чекори дневно. Дополнително, тренингот за јакнење на мускулите штити делови од мозокот кои се особено чувствителни на Алцхајмерова болест.

Истражување објавено во списанието „Нејчр“ во 2018 година, кое траело цели 44 години, ја истакнува поврзаноста меѓу кардиоваскуларната кондиција и 88 отсто помал ризик од појава на деменција кај жени.

Научниците следеле повеќе од 1.400 жени, на возраст од 38 до 60 години, почнувајќи од 1968 година. Од нив, 191 учесничка извршила тест за кардиоваскуларна кондиција на статичен велосипед, користејќи интервален тренинг – периоди на интензивно вежбање со кратки паузи.

Резултатите покажале дека само 5 отсто од жените со висока кондиција развиле деменција, наспроти 32 отсто од оние со умерена физичка подготвеност. Кај жените во добра кондиција, болеста се појавувала речиси 10 години подоцна во споредба со останатите.

Во друго истражување било утврдено дека лицата кои редовно возат велосипед имаат 19 отсто помал ризик од деменција. Стручњаците сметаат дека кардиоваскуларната кондиција е клучна за заштита на мозокот, иако причинско-последичната врска сè уште не е целосно потврдена.

Според научниците, можна е улогата на социјалната и когнитивната стимулација за време на вежбањето, но и на директните ефекти врз здравјето – како контрола на крвниот притисок, холестеролот, телесната тежина и дијабетесот. Познато е дека физичката активност позитивно влијае и на самата структура на мозокот.

Иако врската помеѓу вежбањето и намалениот ризик од деменција сè уште не е целосно објаснета, бројни истражувања ја потврдуваат истата насока: редовното движење може да биде моќен сојузник во заштитата на мозочните функции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот