Фото: Pixabay

Ветеринар открива осум знаци на замор кај кучињата

Ако вашето куче се однесува необично, причината може да биде недостаток на квалитетен сон. Како и кај луѓето, и кај кучињата сонот е клучен за здравјето и доброто расположение, но многу од нив не го добиваат одморот што им е потребен, а знаците на замор често се суптилни и лесно може да се превидат.

Бидејќи кучињата не можат да ни кажат како се чувствуваат, важно е да се следи нивното однесување и говорот на телото. Симптомите на недоволен сон понекогаш погрешно се толкуваат како проблеми во однесувањето или во дресурата. Па, ветеринарката д-р Бетани Хсиа за „Парејд петс“ открива како да ги препознаете знаците на исцрпеност кај кучињата.

Колку сон им е потребен на кучињата?

На повеќето кучиња им е потребно многу сон, а точната количина зависи од возраста, расата и нивото на активност. Кутрињата имаат најголема потреба од одмор – од 18 до 20 часа дневно, бидејќи сонот го поддржува нивниот брз раст и развојот на мозокот. Возрасните кучиња обично спијат од 12 до 14 часа дневно, поделено на ноќен сон и дремки во текот на денот.

Поактивните работни раси може да имаат потреба од повеќе време за опоравување, додека постарите кучиња често спијат подолго поради намаленото ниво на енергија. Според ветеринарите, доволна количина сон помага во регулирањето на расположението, имунолошкиот систем и целокупното однесување на кучето.

Осум знаци дека вашето куче не спие доволно

Кога кучињата не спијат доволно, последиците може постепено да се натрупуваат. Препознавањето на знаците на замор може да ви помогне навреме да ги забележите проблемите и да ја подобрите рутината на спиење на вашето милениче, пред тоа да влијае врз неговото здравје. Недостатокот на сон може да го наруши расположението, енергијата и однесувањето на кучето, што влијае на целото домаќинство.

Зголемена раздразливост

Еден од знаците на замор кај кучето е промена во однесувањето. Поспаното куче може да покажува зголемена раздразливост или невообичаена агресија кон луѓе и други животни.

– Вашето куче може да ржи или да каса. Ова однесување укажува на намалена толеранција на надразнувачи, слично на тоа како недостатокот на сон влијае врз човечкото расположение – објаснила таа.

За да го подобрите расположението на уморно куче, воспоставете доследен распоред на спиење и обезбедете му тивко и удобно место за одмор.

Каснувања

Недостатокот на сон понекогаш може да доведе до ненадејни каснувања, особено кога кучето нагло се буди. Ако вашето куче почне да го прави тоа, можно е да не спие доволно. Ваквото однесување може да има повеќе причини, вклучувајќи болка, стрес, анксиозност или недостаток на физичка и ментална стимулација. Важно е да се консултирате со ветеринар за да се исклучат здравствени проблеми и да се размисли за работа со професионален тренер.

Прекумерно лижење или џвакање

Кучињата кои не добиваат доволно одмор може да станат поприврзани или да бараат утеха од своите сопственици, слично како и луѓето кога се исцрпени. Физичкиот и емоционалниот напор може да се манифестира и преку прекумерно лижење или џвакање предмети. За да му помогнете на кучето, создадете мирно и темно место за спиење и обезбедете доволно физичка активност и ментална стимулација во текот на денот.

Слаба концентрација

Како и луѓето, уморните кучиња може да имаат проблеми со концентрацијата. Недостатокот на сон може да доведе до намалено внимание, а причини може да бидат и анксиозност, недоволно движење или здравствени проблеми. Помогнете му на кучето со доследна дневна рутина, зголемена активност и подобрување на просторот за спиење. Идеалното место треба да биде тивко, налик на дувло, далеку од бучава и движење.

Игнорирање на наредби

Недостатокот на сон може да го направи кучето збунето, поради што може да ги игнорира наредбите. Во вакви случаи, кучињата не се тврдоглави, туку покажуваат дека нивниот мозок е уморен и преоптоварен. Обезбедете мирно и удобно место за спиење, воспоставете рутина и зајакнете ја дресурата со награди во тивка средина.

Потреба за близина

Физичката и емоционалната исцрпеност поради недостаток на сон може да го натера кучето да бара повеќе утеха и сигурност од сопственикот. Ако кучето одеднаш стане поприврзано, понудете му темно место за спиење без промаја. Менталната стимулација, како сложувалки за кучиња, може да поттикне самостојна игра и да помогне полесно да заспие.

Хиперактивност

Кога кучињата не добиваат доволно физичка или ментална стимулација, тешко се смируваат. Тоа може да се манифестира како хиперактивност или немир, создавајќи маѓепсан круг во кој лошиот сон создава вишок енергија, а вишокот енергија го нарушува сонот. Зголемувањето на дневната физичка активност може да помогне во ублажување на хиперактивноста и подобрување на квалитетот на сонот.

Намалено ниво на активност

Ако кучето е постојано уморно иако наизглед доволно спие, можеби не станува збор за квалитетен сон.

– Може да биде помалку ентузијастично за прошетки, игра или дресура – рекла Хсиа.

Тоа е јасен знак дека телото на кучето не се опоравува доволно за време на спиењето.

– Сопствениците треба да се погрижат средината во која спие нивното куче да биде без пречки и да размислат за ветеринарски преглед за да се исклучат основни медицински состојби што влијаат на квалитетот на сонот –  додала таа.

Последици од недостаток на сон

Кога кучето не спие доволно, тоа може да влијае и врз неговото однесување и врз целокупното здравје. Недоспаните кучиња може да станат раздразливи, хиперактивни, анксиозни или послабо да реагираат на дресура. Со текот на времето, недостатокот на сон може да го ослаби и имунолошкиот систем. Како и кај луѓето, недоволниот одмор може да доведе до зголемен стрес и поголем ризик од здравствени проблеми.

Како да му помогнете на кучето подобро да спие?

Подобрувањето на рутината за спиење не бара големи промени. Едноставни прилагодувања во дневните активности и во просторот за спиење можат да направат голема разлика. Важно е да му обезбедите опуштен и удобен простор каде што може да се одмори без пречки.

Просторот треба да биде тивок, темен и подалеку од фреквентните делови на домот. Кучињата исто така имаат потреба од доволно физичка активност и ментална стимулација во текот на денот за природно да се заморат. Сепак, најдобро е да се избегнува интензивно вежбање непосредно пред спиење, бидејќи тоа може да им го отежни заспивањето.

Со препознавање на овие знаци и воведување мали промени, сопствениците можат да им помогнат на своите кучиња да добијат квалитетен и обновувачки сон, неопходен за здрав и среќен живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот