Вештачењето покажа: Јалдз Веапоска ја легнале „на нож“ без да ја снимат – извадени се здрави матка, јајчник и бубрег

Години по започнувањето на судскиот процес за родилката од Дебар Јалдз Веапоска, на која во струшката болница после извршен царски рез во 2020 година ѝ беа извадени матката, јајчникот и бубрегот, во судница беше презентиран документ изработен од тројца судски вештаци (супервештачење) во кој стручно е објаснето од кои причини на Веапоска ѝ биле извадени органите. Според супервештачењето, после царскиот рез кој ѝ бил извршен на Веапоска, имало пропусти во самата болница а докторот хирург што ја извел интервенцијата Мухамед Асани сноси одговорност за состојбата на пациентката.

Обвинителството товари тројца гинеколози од струшката болница Мухамед Асани, Блертон Асани и Љиљана Јованоска дека примениле очигледно неподобен начин на лекување врз Веапоска. Сите тројца во судница се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Супервештачењето е изработено од специјалистот по судска медицина доктор Верица Попоска која е професорка на катедрата за судска медицина при Медицинскиот факултет Скопје, како и од двајца други доктори – Јован Ивчев и Татјана Гуржанова.

-Останувам на вештиот наод и мислење. Пропусти се лоцирани во постоперативниот период по извршениот царски рез при што е наведено дека докторот хирург кој ја извел интервенцијата сноси одговорност за состојбата на пациентката во овој постоперативен период а тоа е првообвинетиот доктор Мухамед Асани. Второобвинетиот Блертон Асани во тоа време бил специјализант и не може да сноси одговорност за настанот во текот на интервенцијата и компликациите. Специјализантот може да работи во хируршка сала но под надзор на главен хирург кој ја сноси одговорноста и во негово име. Докторката Лилјана Јовановска според оперативните листи се појавува првпат на 31 август 2020 година и така може да се заклучи дека не била присутна во текот на хируршката интервенција која била на 27.08.2020. За деновите после операцијата немам сигурен податок па не би можела да се произнесам. Доколку не била присутна, третообвинетиот нема одговорност за целиот случај, рече доктор Попоска.

Таа посочи дека 9 часа после царскиот рез кој бил изведен врз Веапоска на 27.08.2020 година, таа почнала да покажува симптоми на влошување – се пожалила на болки во стомакот, притисокот ѝ бил 80 со 40, а четири дена анализите на крвта покажувале дека се намалува бројот на еритроцити и хемоглобинот. Според вештакот, пропустот е што во овој период не се направиле никакви дијагностички процедури да се види зошто на Веапоска состојбата на крвта постојано ѝ се влошува. Затоа што не се направени овие дијагностички постапки, смета вештакот, кога Веапоска влегла во сала, хирургот се посомневал дека крварењето е од матката или левиот јајник и ги извадил. Откако ги извадил од дренот почнала да се излива крв 1.2 литри, па пак бил отворен стомакот за да се констатира од каде е крвта.

По повторната хируршка интервенција е утврдено дека постои оштетување на левата бубрежна артерија а бидејќи не можеле да ја реконструираат, ја подврзале и решиле да ѝ го извадат левиот бубрег, рече Попоска.

Таа истакна дека во четирите денови после царскиот рез, можело да се види дека постојано се намалуваат крвните елементи во крвта на Веапоска, ама никој не се обидел да утврди која е причината за тоа. Не биле направени ниту ултразвук, ниту компјутерска томографија. Така Веапоска на денот кога требало да биде отпуштена од болница (31 август 2020) добила хеморагичен шок. Притисокот ѝ бил 70 со 40 и дури тогаш, во состојба на хеморагичен шок била внесена во сала на операција.

Професорката вештак смета дека во болницата „требало да се посомневаат на што се должи ова значајно намалување на крвните елементи и да побараат ЕХО, ултразвук, компјутерска томографија и да дијагностицираат дали постојат причини за ваков значаен губиток на крв“ во четирите дена после царскиот рез кога таквите симптоми биле евидентни кај Веапоска.

Така, според супервештачењето, без претходно да ја снимат, поради постоење на голема количина крв во стомакот, на Веапоска ѝ била направена втора, па трета операција. Извадени биле здрави матка, јајчник и бубрег.

-На извадените органи не се утврдени оштетувања. Значи дека се извадени под сомнение дека од нив доаѓа крвавењето, рече таа.  

На прашањето кој ѝ го спасил животот на Веапоска таа одговори дека откако Веапоска била пренесена на КАРИЛ па на Клиниката за урологија во Скопје таму се преземени сите постапки за санирање на состојбата и за дијагностицирање на дотогаш направеното.

-И преземена е уште една хируршка интервенција поради што на компјутер е забележано дека пациентката уште губи крв на левата бубрежна артерија која не била добро подврзана. Според ова, животот ѝ бил уште во опасност и доколку не била испратена во Скопје постолеа можност да завшри со смртен исход, рече вештакот. 

Според медицинската документација утврдено е дека имало ултразвук во болницата а доволно било и ехо за да се утврди крварењето.

Адвокатот на првообвинетиот Мухамед Асани во судница рече дека од струшката болница обезбедиле протокол за дијагностичко иследување за деновите после операцијата кои ќе расчистат дали нешто е преземено од лекарите во болницата заедно со температурна листа за овој период.  Од нив според адвокатот, судот ќе може да утврди колку единици крв и плазма биле аплицирани за разлика од наведеното во вештачењето и кој лекар бил присутен во четирите постоперативни денови.

Другите двајца вештаци доктор Јован Ивчев кој е специјалист по уролошка и општа хирургија и доктор Татјана Гуржанова специјалист гинеколог акушер, рекоа дека потполно се согласуваат со вештачењето кое го изготвиле и остануваат на него.

Обвинителството ги товари лекарите дека несовесно постапиле и примениле очигледно неподобен начин на лекување.

-Конечно сфатив кому да сум му благодарна и кој ми го спасил животот а благодарение на кого сум половина човек, изјави за „Слободен печат“ Веапоска. 

Следното судење за завршни зборови е закажано за утре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот