Верче ја удрил млад возач на пешачки премин во Струмица

Верица Беловска од Берово е 20-годишната почината девојка за која нејзиното семејство се согласи да ги донира органите за повеќе пациенти кои имаат потреба од тоа, а доцна во утринските часови на Клиниката за кардиологија нејзиното срце му беше трансплантирано на младо момче.

Успешно е извршена втората трансплантација на срце во Македонија, млад маж доби нова шанса

– Беше многу весела девојка, секогаш насмеана и му се радуваше на животот – вели Мартин Белчовски од селото Русиново, беровско, за својата сестра.

Несовесен возач на седми април ја удрил Верица на пешачки премин во Струмица. Како што вели нејзиниот брат Мартин, возачот побегнал од местото, а Верче се здобила со тешки повреди кои ја чинеа живот.

– Јас изгубивме најмалата во семејството. На Благовец во Струмица на пешачки премин ја удри момче од 18 години и побегна од местото. Колку што јас знам кога дознале дека колата со која ја удриле сестра ми била пронајдена, тој подоцна сам се пријавил во полиција – раскажува Мартин за ММС.

Лекарите ѝ се поклонија на девојката чие срце спаси живот

Невработеноста пред неполна година го разделило семејството Белчовски во два града, пишува медиумот ММС. Синот Мартин, кој е вработен, останал со сопругата во Берово, а таткото Кирил, мајката Душана со двете ќерки Ана и Верица се преселиле под кирија во Струмица. 

– Во Берово е многу тешко да се најде работа, затоа мајка ми и татко ми со сестрите се преселија во Струмица. Татко ми уште е невработен, мајка ми работеше во еден маркет, па требаше да се префрли во друг и откако се случи ова не знам што ќе биде. Постарата сестра Ана (23) работи во спортска обложувалница, а Верче работеше во кафуле. Под кирија се, мораа да заминат, од Берово се преселија бидејќи нема работа, секаде е полно и со ниски плати. Целото семејство ми отиде , само јас останав во Берово, само јас работев – вели низ солзи Мартин.

Кога семејството Белчовски сфатиле дека ја изгубиле Верче решиле да бидат хумани и да ги донираат срцето и бубрезите.

– Кога сестра ми ја удриле со колата поради сериозноста на повредите однесена е дирекно во Скопје. Лекарите ни кажаа дека откажал мозокот, дека е констатирана смрт, а дека органите се здрави. Без размислување се сложивме да ги донираме. Ова може секому да се случи, можело ѝ на сестра ми да и требале органи. Во животот никогаш ништо не се знае. Тоа ни даде сила и затоа одлучивме да ги донираме за да спасиме нечиј живот. А сестра ми веќе ја нема и нема никогаш да ни се врати – вели низ солзи Мартин.

И покрај тоа што се преселиле во Струмица тие и понатаму се жители на Берово, вели градоначалникот Звонко Пеќевски. Тој вели дека на семејството Белчовски ќе им биде дадено признание.

– Ние како општина му стоиме на располагање на семејството, кое покажа голем гест со донирањето на органите на Верче – вели тој.

Бубрезите од донорот на срцето ќе се трансплантираат денеска, коските во наредните денови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот