Велика Британија ќе го плаќа рускиот гас преку Гаспромбанк до крајот на мај

Руски гасовод
Фото EPA/ROBERT GHEMENT

Велика Британија овозможи до крајот на мај плаќање на гас наменет за Европската унија во трансакциите со руската Гаспромбанк и нејзините подружници, се наведува во документот на Министерството за финансии.

Дозволата им овозможува на физичките и правните лица да продолжат со плаќањата според договори кои почнале до 21 април и активности како што се отворање и затворање банкарски сметки за целите на таквите плаќања, се вели во документ објавен на интернет.

Во документот не е прецизирано која компанија побарала дозвола да работи со руска банка, санкционирана во Британија, но не и во ЕУ.

Рускиот претседател Владимир Путин на крајот на март наложи дека „непријателските” земји од почетокот на април мора да плаќаат за рускиот гас преку Гаспромбанк, која уплатените странски валути ги продава на аукција и ги враќа приходите во рубљи на снабдувачот со гас.

„Непријателски” земји ги вклучуваат членките на ЕУ, Велика Британија, САД, Швајцарија и други земји кои воведоа санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, блокирајќи го пристапот на руските банки до меѓународниот платен систем.

Европската комисија оцени во интерна, техничка белешка, објавена во средината на април, дека купувачите од ЕУ ќе ја изгубат контролата врз своите пари со прифаќање на механизмот и на крајот ќе ги прекршат санкциите.

Процесот би бил целосно контролиран од Русија, а европските компании би ја изгубиле контролата врз парите во моментот на плаќањето, што значи непредвидливи дополнителни трошоци, се вели во белешката на Комисијата во која Ројтерс имал увид, пренесува Хина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во посебна изјава денеска рече дека одлуката на Британија да и дозволи на Гаспромбанк да врши плаќања до крајот на мај не ги променила плановите на Русија за плаќање на гасот во рубљи.

– Сите рокови за плаќање се наведени во претседателскиот указ од крајот на март, а купувачите мора да ги подмират обврските согласно тој указ, нагласи Песков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот