Вечерва ќе биде срушен рекордот за најкраткото гостување во историјата на европскиот фудбал
Вечерашниот дуел во квалификациите за Лигата на шампионите меѓу шведскиот Малме и данскиот Копенхаген ќе влезе во историјата на европскиот фудбал поради растојанието помеѓу двата града.
Препорачано
Со почетокот на натпреварот, овие два клуба ќе го соборат досегашниот рекорд за најкратко гостување во европските натпреварувања. До сега, овој рекорд го држеа Слован Братислава и Рапид Виена, кои се оддалечени 53 километри, но новиот рекорд сега изнесува само 40 километри колку што се одвоени Копенхаген и Малме.
Двата града се поврзани преку познатиот мост „Оресунд“, архитектонско чудо долго 16 километри. Осум километри од него се возат над морето, по што патот продолжува преку вештачкиот остров Пеберхолм и завршува со подводен тунел долг четири километри.
Од друга страна, кога станува збор за најдолгото растојание во европските натпреварувања, Бенфика и Астана го држат рекордот со импресивни 6.164 километри, а ако некогаш се случи пресметка меѓу Санта Клара од Азорските Острови и Шахтјор Караганди од Казахстан, тогаш тој рекорд би бил надминат со над 7.500 километри или дури 22 часа патување со авион.


