Васко Серафимов, музичар: Невкусот e опасно орудие за манипулација

Невкусот е одомаќинета категорија и тој секогаш ќе постои. Лошо е што невкусот сам по себе создава несвесна агресија и е опасно орудие за манипулација. Невкусот е како трговец кој својата гримаса ја продава како насмевка.

Аудио-видео материјалот на композиторот и музичар Васко Серафимов „Срце“, меѓу бројните креативни игри, содржи и креативна дружба со поезијата на Славко Јаневски. Писателот Јаневски често во литературата го користеше сонот како преод од реалното кон иреалното, а сега имаме можност тоа да го визуализираме преку музиката на Серафимов.

Во новата музичка композиција „Кожа на соништа“ на твојата музика има стихови од писателот Славко Јаневски. Што те наврати на реоткривање на Јаневски?

– „Кожа на соништа“ е една од шестте песни кои се дел од мојот аудио-видео материјал со наслов „Срце“ во времетраење од 14 минути. Креативната дружба со поезијата на Славко Јаневски е додавка плус во целиот проект. Неговата поезија ја има таа нота на изненадување, која отвара патишта за размислување. Во моментите работејќи на материјалот имав чувство како неговиот дух да е во мојата соба. Љубовната игра со зборот е негов главен двигател и акцент во потрага по поднијансите на невидливото. Иако по својата вокација, таа – играта – е апстрактна, сепак е дефинитивно поттикнувачка и вонвременска.

По игра на случајности главен „виновник“ за мое подобро запознавање со делата на Славко Јаневски е средбата со Пепи Терзиоски кој во еден неврзан муабет ми нафрли како идеја дека добро би се вклопила мојата музика со неговата поезија. Ми даде десеттина негови книги на кои, во ова време на изолација, им посветив посебно внимание. Вредно е да се напомене дека постои и фондација „Славко Јаневски” која ја води Ѕвездан Георгиевски што е исто така за поздравување бидејќи се темели на чист ентузијазам и љубовта кон неговото творештво.

Поезијата и амбиенталната музика барем кај нас како да е резервирана за поединечна публика. Како може да се урнат границите на поединечното за да се допре до мнозинството во услови на форсирање на невкус?  

Главните промени што ги прави музиката и поезијата се лични и се случуваат – во себе. Сликата на општост е збир од различни лични доживувања. Инаку, невкусот е одомаќинета категорија и тој секогаш ќе постои. Лошо е што невкусот сам по себе создава несвесна агресија и е опасно орудие за манипулација. Невкусот е како трговец кој својата гримаса ја продава како насмевка.

Не само кај нас, туку насекаде во светот за вакви, условно кажано, поавангардни форми не е лесно.

Со години продолжуваш по своја насока, без разлика на исходот, без разлика до каде таа музика ќе стигне и дали нешто ќе промени. Има ли Македонија публика за електронска музика и која е публиката?

– Музиката во себе ја има својата проточност па така таа си е пат сама за себе. Дали има публика Македонија за електронска музика? Јас го работам тоа што го работам и не водам евиденција дали има или нема публика за електронска музика, во светот знам дека има. Имајќи в предвид дека моите нови проекти се мултимедијални и мојот тип на публика е поширок и не е строго врзан за една форма туку, би рекол, наменет е за љубителите на уметноста.

Не ли се измори од борбата со своевидниот бојкот на интелектуалната струја што произлегува, пред сè, од непознавање, незнаење и отсуство на смисла за распознавање на вредности од оние кои ги „дистрибуираат“ музичките трендови?

– Не само кај нас, туку насекаде во светот за вакви, условно кажано, поавангардни форми не е лесно. Инаку немам обичај во себе да негувам ваков тип на размислување. Уживам во работата и се фокусирам на неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот