Вашингтон ја замрзнува финансиската помош за Ирак, додека Багдад не ги распушти проиранските милиции
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја блокираше испораката на пари во Ирак и замрзна некои програми за безбедносна соработка со ирачката војска со цел да изврши притисок врз Багдад да ги распушти милициите поврзани со Иран, објави „Волстрит журнал“, повикувајќи се на американски и ирачки претставници.
Препорачано
Според весникот, претставници на американското Министерство за финансии неодамна ја блокирале испораката на речиси 500 милиони долари во готовина, приходи од продажбата на ирачка нафта од сметка во Федералните резерви.
Ројтерс соопшти дека не може веднаш да ја потврди информацијата, додека Министерството за финансии на САД и Федералните резерви не одговорија на барањата за коментар.
Вашингтон, исто така, го информираше Багдад дека ќе го прекине финансирањето на одредени програми за борба против тероризмот и воена обука сè додека не престанат нападите на милициите и ирачките власти не преземат чекори за распуштање на вооружените групи поврзани со Иран.
По тој повод Соединетите Американски Држави го повикаа ирачкиот амбасадор во САД на разговор откако беспилотно летало погоди клучен американски дипломатски комплекс во Багдад, по серијата напади со беспилотни летала врз американска инфраструктура во земјата за кои Вашингтон ги обвинува милициите поврзани со Иран.


