УТРИНСКИ БРИФИНГ | Бурнс за извидничкиот скандал: Кога слушав не ми се веруваше дека е можно

Мирослава Бурнс, новинарка на „Слободен печат“ / Утрински брифинг

Деновиве македонската јавност ја потресе темата што ја отвори „Слободен печат“ а е поврзана со скандалот со настан организиран од Прв скопски извиднички одред. Темата од ден во ден продолжува да се развива, а ја следи нашата колешка Мирослава Бурнс, која гостуваше и во денешен Утрински брифинг.

Јас секојдневно работам со теми од здравството. Се случи еден од родителите на малолетниците што биле на ова камп обука да е од здравствениот сектор, да работи во здравството. Така се обрати до мене прво со прашање како би можеле да го пласираат тоа што им се случувало на нивните деца во институциите на системот. Му објаснив, но деталите од приказната што ми ја раскажа ме шокираа. Тој се согласи разговорот да се снима, а неговото дете побарало помош во училиштето и се пожалило кај училишниот психолог, вели колешката Мирослава Бурнс во Утрински брифинг.

Ние како медиум се обидовме да не додаваме хистерии во целиот настан и да известуваме објективно со цел да се расчисти скандалот, а не само да се крене врева на социјалните медиуми. Поради таквиот, несензационалистички и професионален пристап, сега ни се јавуваат и други родители чиишто деца биле жртви на овој инцидент.

Вчера ми се јавија две мајки кои ја потврдуваат сторијата. Седум ученици се отпишале од извидници по овој скандал. Со организаторите од Прв извиднички одред успеав да се слушнам по телефон само еднаш, првиот ден, но оттогаш не знам колку пати дневно се јавувам но тие одбиваат контакт. При единствениот разговор со нив се што ги интересираше беше од каде знам и дека не се сигурни дека родител ми се јавил, вели Бурнс за Утрински брифинг.

Инаку, станувало збор за тридневен камп за кој на родителите и учениците им било навестено дека ќе има сексуална едукација, а се одржувал во природа во близина на Скопје. Таа едукација зазела друга, непосакувана, насока па од малолетните учесници било барано да извршуваат непримерни дејствија. Како на пример, покрај манастир да симулираат секс поза додека друго дете ќе фотографира. Дел од малолетниците, седум или осум од нив, се спротивставиле на лице место но им било кажано дека можат да си заминат ако не сакаат да учествуваат. Меѓутоа, тие не можеле да си заминат оти кампот се одржувал на непристапен терен во шума и веќе било ноќе.

За мене беше многу важно да го снимам разговорот. Кога го слушав разговорот, мене самата не ми се веруваше. Второ најважно ми беше да одбегнеме двојна виктимизација и да го заштитиме идентитетот на детето, вели новинарката на Слободен печат која го обелодени скандалот, Мирослава Бурнс.

Прв извиднички одред е една од најстарите организации и не е прв пат да организираат вакви настани. Претходно биле финансирани од Град Скопје и организации како што се Хера и ФООМ, но во текот на вчерашниот ден сите се дистанцираа.

Сите се дистанцираа, па не е јасно кој го финансирал овој камп со ваква програма. За спровед каква било школска активност потребна е дозвола од БРО. Дали е ова правено вон пропис и стандард или пак дали е правено во приватна режија треба допрва да расчистат пред се институциите, вели Бурнс за Утрински брифинг.

Од училиштето на детето чијшто родител прв нѐ информираше велат дека не се поврзани со настанот и дека не се одговорни за воншколски актвности на нивните ученици. Во меѓувреме, обвинителството и полицијата ги повика организаторите на разговор.

Како што најави новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Бурнс, ќе се обиде да дојде до информации дали имало програма и дали таквата програма каква што се спроведувала и натој начин се спроведувала им била најавена на родителите. На социјалните мрежи веќе се појавија коментари дека не е спорно оти извидниците претерале, но дека родителите требало да внимаваат каде ги праќаат децата бидејќи пишувало на флаерите дека ќе има сексуална едукација.

 Луѓето кои пријавија се жртви и така треба да бидат третирани, а со нивното критикување на овој начин само спречуваме и други да се осмелат пријават несоодветно однесување, вели Бурнс.

Слободен печат останува отворен за оваа и друи теми бидејќи ова има голема општествена важност, а ние како општество треба да извлечеме поука.

Проследете го целиот разговор во видеото:

СИТЕ ПОВРЗАНИ ТЕКСТОВИ НА ОВАА ТЕМА:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот