Утре завршува јавниот увид во Избирачкиот список за Локалните избори 2025
Јавниот увид во Избирачкиот список за претстојните локални избори завршува утре, 11 септември, на полноќ. Државната изборна комисија (ДИК) информира дека денеска увидот може да се направи до 20 часот, а утре службите ќе работат до полноќ за граѓаните да можат да ги проверат своите податоци.
Препорачано
Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци граѓаните можат да ги поднесат писмено во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, како и електронски на адресата [email protected]
, со приложување на потребните документи. Исто право имаат и лицата во притвор и во затвор, преку надлежниот орган за извршување на санкциите.
ДИК е должна да одлучи по секое барање во рок од 24 часа, а во случај на одбивање, граѓаните можат да поднесат тужба до Управниот суд кој решава во истиот рок.
По завршувањето на јавниот увид, политичките партии најдоцна до 11 септември можат да поднесат барање за добивање на избирачкиот список, кој ДИК е должна да го достави до 14 септември. Избирачкиот список со сите измени ќе биде заклучен на 26 септември, а најдоцна до 3 октомври ќе биде потпишан од страна на ДИК.
Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, со гласање во 80 општини и Градот Скопје на вкупно 3.480 избирачки места.


