Утре презентација на ДУП за Карпош 4, ќе се градат нови згради и деловни објекти

Фото: „Независни за Карпош“

Жителите кои живеат во Карпош 4 и на просторот кај гимназијата „Нова“ до крајот на август можат да пополнуваат анкетни листови и да ги доставуваат своите забелешки за двата предложени детални урбанистички планови кои моментално се на јавна анкета – ДУП за Градска четврт 3 02, блок 3 02.02 и ДУП за Градска четврт 3 06, блок 05.

Утре за првиот ДУП кој го опфаќа просторот помеѓу улица Никола Парапунов, булевар Партизански одреди и кејот на Вардар, односно површина од речиси 12 хектари во Карпош 4, ќе има јавна презентацијата со почеток во 13 часот, а за другиот кој се однесува за простор во Тафталиџе, јавната презентација е закажана за 24 август во 13 часот.

Од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ ги повикаа граѓаните да се информираат преку куќните совети и да се организираат за да присуствуваат во што поголем број на јавните презентации.

Притоа, од граѓанската иницијатива укажаа на неколку од содржините на Предлог –ДУП за Градска четврт 3 02, блок 3 02.02.

Делот околу белите кули – монтажна платформа за паркинг – со оглед на новите згради кои се градат, се сомневаме дека ќе биде доволно за нормално паркирање. Зградите кои се градат во моментов – на недоволно обезбедени градилишта, се со висини од П+5+Пк – паралелно на постоечките згради во редот на „Тинекс“, сите други што треба да се изградат и во преостанатиот дел со куќички П+6+Пк. Колку станови има во овие згради – толку паркинг простор треба да се обезбеди. Со оглед на тоа што ова е 2 Заштитна зона на бунарски систем Нерези – Лепенец, подземни паркинг нивоа треба да бидат ограничени – објаснуваат од “Независни за Карпош“.

Оттаму додаваат дека во преостанатиот дел од овој блок се предвидуваат две нови згради на самиот кеј на Вардар, со катност П+4+Пк и уште една зграда со две нивоа со висина П+4+Пк и едно ниво меѓу нив со П+1.

 Останатите објекти во овој дел кои се со поголеми габарити се со деловна намена Б2 и висините се од 26 метри за П+6 и пониски меѓу нив П+1 до 8 метри висина. Круна на деловните објекти е огромниот квадрат на местото каде што во моментов има пазар кој е од 38 етри или 10 ката со приземје и понизок дел со „само“ 7 ката и висина од 28 метри. На Карпош му фалеле деловни објекти, паркинг нормално ќе се обезбеди – на цртежот, во реалност ќе бидеме сведоци на пренатрупани улици, нервозни возачи и дополнително загадување – велат од „Независни за Карпош“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот