Уставниот суд не отвори постапка за Правилникот на ДИК, за судијката Кацарска е незаконит
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, рече дека кога законодавецот не ги пополнува правните празнини, институциите имаат право тоа да го сторат. Тој нагласи дека одлуките на Уставниот суд имаат исто значење како законот и дека ДИК имала основа да донесе правилник за тековните избори.
Уставниот суд на денешната седница реши да не отвора постапка за уставноста на Правилникот на Државната изборна комисија (ДИК), со кој се уредува начинот на собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи и определувањето на нотарите за локалните избори 2025 година. Правилникот беше донесен на 17 август оваа година.
Препорачано
Иницијативи против овој Правилник поднесоа Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје, предводено од Тодор Петров, и Стевче Стојанов. Тие тврдеа дека ДИК ги пречекорила своите овластувања и со подзаконски акт пропишала услови кои треба да ги регулира Собранието со закон. Според нив, ДИК се ставила во улога на законодавец и повредила одредби од Уставот и од Изборниот законик.
Правилникот го предложил членот на ДИК, Александар Даштевски, повикувајќи се на член 63 од Изборниот законик, кој сè уште важи и ја уредува постапката за собирање потписи за кандидати, иако член 62 што се однесуваше на локалните избори беше укинат од Уставниот суд.
Кога законодавецот не го прави тоа, друг ги пополнува празнините
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, рече дека кога законодавецот не ги пополнува правните празнини, институциите имаат право тоа да го сторат. Тој нагласи дека одлуките на Уставниот суд имаат исто значење како законот и дека ДИК имала основа да донесе правилник за тековните избори.
— Што правиме кога правната празнина не ја пополнува законодавецот? Која порака тој ја праќа кон сите останати? Дали е негова волја да ја остави состојбата таква како што е? Ако го толкуваме на тој начин, немојте да заборавите дека има одлука на Уставен суд, која ви дава многу сериозно толкување на политичкиот плурализам, на пасивното, на активното избирачко право. Одлуките на Уставниот суд го имаат истиот правен ефект како и законот, конечни за секого, вклучително и за ДИК. Нашата одлука е задолжителна и за ДИК — рече Костадиновски, потсетувајќи на „џебното вето“ на претседателот.
Оваа одлука што денес ќе ја донесе Уставниот суд, како што рече, е многу важна и затоа јас лично се определувам за мериторна одлука. Со тоа Уставниот суд кажува дека во услови кога законадавецот не е уставно дисциплиниран, тоа е негова желба или определба, тогаш уставните празнини ќе се попополнуваат и ова е еден од начините на пополнување.
— Дали има основа ДИК? Има, и тоа како има — смета Костадиновски.
Костадиновски рече дека нема дилема дека станува збор за пропис и додаде дека не секогаш формата, содржината или последиците од еден акт го прават погоден за уставно-судска оцена.
— Да, темпорален е, тој е врзан со овој изборен циклус, но тоа не е пречка ние да ја донесеме одлуката — вели тој.
Поделени ставови во Судот
Судијата Јадранка Дабовиќ-Анастасовска смета дека ДИК не постапила спротивно на законот и на Уставот.
Но, судијката Добрила Кацарска беше со спротивно мислење – според неа, Правилникот е незаконит бидејќи не бил објавен во „Службен весник“.
— Ние не можеме да ги затвориме очиме пред нешто што е незаконито. Станува збор за судии на Уставен суд — рече Кацарска.
И покрај поделбата во ставовите, Судот донесе одлука да не отвора постапка, со што Правилникот останува да важи за локалните избори 2025 година.
Подносители на иницијативата до Уставниот суд се Здружението „Светски македонски конгрес” од Скопје, застапувано од претседателот Тодор Петров и Стевче Стојанов.


