Уште не е распишан тендерот за „фактор 8“ за пациентите со хемофилија
Три дена Министерството за здравство и Институтот за трансфузиона медицина не одговараат на прашањата на „Слободен печат“ дали е распишан тендерот за фактор 8 за пациентите со хемофилија. Од наши извори дознаваме дека тендерот не е распишан, а дека моментално се работи на усвојување на планот за јавни набавки после што ќе биде распишан тендерот. Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски од собраниска говорница пред 8 дена најави дека тендерот ќе биде распишан „најдоцна утре“ што не е сторено. Слободен печат исто така дознава дека на меѓународниот пазар има голем недостиг на овој лек поради што се очекува и по распишувањето на тендерот пациентите да се справуваат со големи дефицити.
Препорачано
Нова Година ќе чекаме со две кутивчиња фактор – пациенти со хемофилија не можат да извадат заб!
Некои од нив веќе ја споделија својата голгота со нашата редакција, дека овој лек за хемофилија не го добиваат во потребните туку во намалени дози со месеци, примаат заменски терапии и не можат да извршат регуларни медицински интервенции како вадење заб.
Факторите за коагулација се лекови што се неопходни за да им престане крвавењето на пациентите со хемофилија.
Фондот за здравство по извршената вонредна и финансиска контрола пред 3 месеци утврдил дека за рекомбинантниот фактор 8 со тендерот за 2025 година се набавени три лека „рефакто АФ“, „елокта“ и „нувик“ кои не биле набавувани по стариот тендер, а лекот „адвате“ кој бил набавуван по стариот тенер по новиот тендер не е набавен.
Од трите лека рекомбинантен фактор 8 за лекот „рефакто АФ“ со јачина од 250ИУ/5мг и 1000 ИУ/5мг договорот бил раскинат во август 2025 година поради непостапување во согласност со договорот.
„Имено, добавувачот одговорил дека не постои можност за испорака на потребните количини „рефакто“ рекомбинантен фактор 8 поради што директорот на Институтот за трансфузиона медицина донел одлука делумно да го раскине договорот. За коагулациониот фактор 8 од плазматско потекло „октанате 250“ намалена е количината по нов тендер како и потрошувачката на овој лек“, навеле од ФЗОМ во одговорот на претставките на пациентите со хемофилија.




