Уред кој ве потсетува да земете лекови, апликација за препознавање банкоти за лица со оштетен вид, асистивна тастатура – На ФЕИТ презентирани осум иновативни студентски проекти

Фото: ФЕИТ

Студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Фармацевтскиот факултет, Медицинскиот факултет, Технолошко-металуршкиот факултет, Градежниот факултет и Филолошкиот факултет ги презентираа иновативните решенија од студентскиот проект што се одржува во рамки на програмата Innovations in Smart Anything Everywhere (INNO-SAE).

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Уред кој сигнализира во определено време од денот и ги потсетува пациентите навреме да ги земат лековите, протеза за прст произведена од биокомпатибилна пластика со 3Д печатење врз база на медицински снимки на пациентот, метаматеријал за блокирање на звучни бранови, мобилна апликација за препознавање на македонски банкноти за лицата со оштетен вид, Асистивна тастатура наменета за лицата со попреченост – ова се само дел од осумте проекти што денеска беа презентирани на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

На презентацијата на студентските иновативни решенија, во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, беа присутни и професор д-р Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ и Стево Пендаровски, Претседател на Република Северна Македонија.

-Факултетот за електротехника и информациски технологии, инспириран од европската иницијатива за Smart Anything Everywhere (SAE), четири години организира студентска програма за развој на најдобри практични студентски решенија. Оваа програма ја воведовме со цел да го стимулираме вмрежувањето меѓу студентите од различни единки на УКИМ и нивната заедничка работа на интердисциплинарни идеи. Сакаме да покажеме дека строгите граници помеѓу различните области полека се бришат и дека иднината е токму во интердисциплинарниот и холистички пристап кон решавање на современи проблеми, а во насока на обезбедување паметни и одржливи решенија. Преку развојот на интердисциплинарни идеи во функционални прототипови низ годиниве, покажавме дека нашите студенти сакаат и знаат да одговорат на предизвици. Студентите со голем ентузијазам прифаќаат да работат на иновативни проекти, а ние сме тука да им ги обезбедиме сите ресурси. Во таа насока, INNO-SAE е и одлична платформа за промоција на образованието кое го нуди нашиот универзитет, рече деканот на ФЕИТ, Атанасовски.

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Следејќи ги основните начела на програмата, оригинални и иновативни идеи и напредни решенија, беа селектирани осум интердисциплинарни тимови на студенти на УКИМ.

-Вашиот ангажман во овој паневропски проект е потврда дека иновациите се неопходност и доказ за трансформативната моќ на заедничкото решавање на проблемите во една држава. Во свет оптоварен со предизвици, нашата заложба за зголемување на степенот на дигитализација во општеството не е само стратегија на хартија, туку е нужност, затоа што дигиталните технологии се катализатори на општествените промени. Оттаму, токму вие, студентите со желба за знаење и експериментирање ќе го обликувате светот на иднината каде што иновациите не се избор, туку начин на живот. Наша должност е да овозможиме да биде ослободен креативниот капитал на вас, дигиталните пионери, да помогнеме вашите идеи да ги преточите во решенија затоа што моќта да се промени светот лежи во секој од вас. Не се плашете од непознато, бидете лидери кои не само што се адаптираат на промените, туку и ги предводат, бидејќи без сомнение, вие го имате тој потенцијал во себе – рече Пендаровски.

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Програмата е наречена Innovations in SAE (или INNO-SAE) и оваа година е интегрален дел од активностите на новоформираниот ФЕИТ ФабЛаб, во ко-организација со Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ и Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” (УКИМ) во Скопје. INNO-SAE е отворен за сите студенти на УКИМ и во таа насока е и одлична платформа за промоција на образованието кое го нуди Универзитетот.

Кратко резиме за проектите на осумте тимови:

1. Pharmaset – уред кој дава светлосен и звучен сигнал (аларм) со што сигнализира во определено време од денот и ги потсетува пациентите навремено да ги земаат лековите.

2. Гастросенс – уред наменет да ја детектира промената на pH вредноста во желудникот и да дава звучен сигнал при последователни промени на вредноста на рН како резултат на прекумерен внес на храна.

3. Prosfinger – претставува протеза за прст произведена од биокомпатибилна пластика со 3Д печатење врз база на медицински снимки на пациентот.

4. Фотобиореактор – проектот е насочен во развој на фотобиореактор за култивирање на фотоавтотрофни бактерии од родот Rhodobacter кои се употребуваат за спречување на загадување и ослободување на стакленички гасови.

5. Метаматеријал за блокирање на звучни бранови – проектот има цел да развие напредно иновативно решение за звучна изолација со користење на метаматеријали.

6. Асистивна тастатура – развиен е специјализиран тип тастатура дизајнирана да им помогне на лицата со физички попречувања или ограничувања при пишување.

7. Мобилна апликација за препознавање на македонски банкноти – апликацијата е дизајнирана да им помогне на луѓето со оштетен вид да го надминат проблемот со кој секојдневно се соочуваат при препознавање на вредноста на македонските банкноти поради нивната непристапност.

8. Descartes – во рамки на проектот е реализиран систем со Декартова роботска рака наменета за тестирање на иновативен сензор за аголна позиција, кој е во процес на развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот