Унгарија ѝ постави нова сопка на Украина: се закани со вето на најавените 90 милијарди евра заем од ЕУ
Унгарија ја фрли во криза планираната позајмица на Европската Унија од 90 милијарди евра за Украина, откако се закани дека ќе го блокира договорот сè додека не продолжи протокот на руски гас преку нафтоводот „Дружба“, објави „Политико“.
Препорачано
Унгарската влада ја упати заканата во петокот навечер, додека премиерот Виктор Орбан се обидува да го искористи антиукраинското расположение во пресрет на клучни избори на кои ризикува да ја загуби власта по повеќе од 15 години.
„Украина ја уценува Унгарија со запирање на транзитот на нафта, во координација со Брисел и со унгарската опозиција, со цел да предизвика прекини во снабдувањето во Унгарија и да ги зголеми цените на горивата пред изборите. Нема да подлегнеме на оваа уцена“, напиша унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на „Икс“.
„Ветото би било голем удар за Украина“
Заканата на Унгарија да стави вето на заемот е голем удар за Украина, чиј државен буџет ќе почне да останува без средства од април. Киев тешко ќе може да го одржи воениот напор без свежи финансии, што ќе го стави во неповолна позиција во тековните мировни разговори со Русија.
Првите знаци за проблеми се појавија уште порано во петокот. Амбасадорот на Унгарија во ЕУ побарал унгарското Народно собрание да ги добие стандардните осум недели за разгледување на законодавството на ЕУ, на состанок на амбасадори во Брисел, изјавија за „Политико“ тројца дипломати од ЕУ.
Амбасадорите на ЕУ требаше да дадат финално одобрување за заемот пред вторник, кога се одбележуваат четири години од руската инвазија врз Украина.
„Намерно го запреа рускиот гас кон Унгарија“
Во нова конфронтација со Киев, Орбан ја обвинува разурнатата земја дека поради политичка мотивација го запрела рускиот гас кон Унгарија. Украина ги отфрла овие обвинувања, наведувајќи дека руските напади ја оштетиле енергетската инфраструктура.
Европската комисија свика итен состанок претходно оваа недела за да се реши спорот околу нафтоводот „Дружба“, откако Унгарија и Словачка возвратија со запирање на испораките на дизел гориво кон Украина.
Лидерите на ЕУ, меѓу кои и Орбан, се согласија за заемот од 90 милијарди евра во декември, по месеци тешки преговори. Како голема отстапка, ЕУ ги иззеде Унгарија, Словачка и Чешка – кои се противат на понатамошна помош за Киев – од враќање на трошоците за задолжувањето на заемот.
Како најцврст сојузник на Русија во рамки на ЕУ, Орбан и претходно честопати се закануваше дека ќе ја блокира финансиската поддршка на Унијата за Украина.
Петер Маѓар: Која е тајната на успехот на противникот на Орбан?


