УНЕСКО ѝ даде уште пет години рок на Владата за Охридскиот Регион, засега нема да биде впишан во црната листа
Повеќе еколошки организации и експерти алармираа дека новите шанси на УНЕСКО досега не дадоа резултати во однос на урбанизацијата и уништувањето на Охридското Езеро и неговата околина.
УНЕСКО денеска одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Место тоа, Владата доби уште пет години за да ги спроведе забелешките на УНЕСКО за заштита.
Препорачано
Одлуката е донесена од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на годишната Сесија што се одржува во јужнокорејскиот град Бусан.
Препораките на УНЕСКО за Охридскиот Регион (природно и културно наследство) се однесуваат на мерки за зачувување на неговата „исклучителна универзална вредност“, меѓу кои запирање на неконтролираната урбанизација и нелегалната градба, подобро урбанистичко планирање, како и заштита на природните вредности на Охридското Езеро.
Исто така, УНЕСКО препорачува подобро да се управува со регионот, да се заштити културното наследство, да се ограничи притисокот од туризмот, но и да се изготви целосна Стратегија за управување со регионот со јасни цели, рокови, одговорни институции и механизми за следење на резултатите.
УНЕСКО повеќепати во извештаите нагласи дека проблемот е кумулативниот ефект од урбанизацијата, инфраструктурните проекти и недоволната контрола, што може да ја наруши универзалната вредност поради која Охридскиот Регион беше впишан на листата во 1979/1980 година.
Владата одлуката ја оцени како дипломатски успех
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оцени дека одлуката на УНЕСКО претставува „значаен дипломатски успех за државата“ и „резултат на координирана акција на институциите“.
„Во целиот процес работевме во тесна координација со Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, општините Охрид и Струга, како и со нашата амбасада во Париз, која имаше важна улога во комуникација со УНЕСКО и со државите членки на Комитетот за светско наследство“, рече Муцунски.
Според него, Охридското Езеро со својата природна уникатност, биолошка разновидност и богато културно-историско наследство е непроценливо светско добро.
„Јасно ги прифаќаме сите препораки на Владата за заштита и одржлив развој на регионот. Со дипломатскиот ангажман обезбедивме дополнителен простор за исполнување на преземените обврски и спроведување на стратегискиот план за рехабилитација до 2030 година“, посочи Муцунски.
Екоорганизациите скептични за новите шанси и рокови
Дел од експертите и екоактивистите се на став дека впишувањето на Охридскиот Регион на Листата светски наследства во опасност е вистинскиот начин што ќе отвори повеќе можности државата, институциите, градот да добијат помош, искуства и механизми од Светската организација за надминување на проблемите, кои впрочем и доведоа до сегашната состојба. Односно, сметаат дека со новите шанси на УНЕСКО проблемите само се продолжуваат, наместо да се решаваат.
Екоактивистите, меѓу другото, на повеќе пати реагираа дека се уништуваат заштитени предели, историските објекти во старото градско јадро на Охрид се претвораат во згради, плажите се „дива лига“ и концесионерите не ги почитуваат препораките на УНЕСКО, додека дивоградби виреат насекаде, притоа поентирајќи го хотелот во Горица како еклатантен пример каде државните институции „замижуваат“.
На плажите во Охрид е „дива лига“ и не се почитуваат препораките на УНЕСКО, реагира „О2 Иницијатива“
Проблемот со дивоградбите неодамна го актуелизираше и Државниот завод за ревизија. За објектите што не ги исполнуваат условите за легализација, издадени се 4.847 решенија, но тие не се отстранети, иако во периодот 2019–2024 година биле издадени 456 правосилни решенија за нелегална градба, особено во и околу Националниот парк „Галичица“.
Ревизијата утврди и дека не постои урбанистички план за крајбрежниот појас од 50 метри околу Охридското Езеро, а за Програмата за урбана опрема за 2024 година не е обезбедена согласност од Управата за заштита на културното наследство.
СОС Охрид бара итно запирање на градежните работи во Горица и спроведување на препораките од УНЕСКО


