Уметници од Ресен го држат бакрорезот во живот, рачно изработуваат плакети и слики
Гордана Стојаноска, која е коосновач и претседател на Здружението на самостојни занаетчии со телесен инвалидитет, вели дека плакетите се изработуваат во повеќе чекори кои бараат максимална посветеност, а за една плакета, од почетокот на изработка до финалниот продукт, нејзе ѝ се потребни од осум до десет работни часови, распределени во повеќе денови.
Во срцето на Преспа, поточно на градскиот плоштад во Ресен се ноаѓа сувенирница која иако навидум изгледа обична, крие навистина доблесна и несекојдневна приказна – таа е водена и управувана од членови на Здружението на самостојни занаетчии со телесен инвалидитет со седиште во Ресен, кои последните четири години рачно изработуваат разни плакети и слики од бакар и отпаден бакар, како и други сувенири.
Препорачано

Бакрорезот уште „живее“ во Ресен
Со сувенирницата управува Гордана Стојаноска која заедно со нејзиниот сопруг Александар се коосновачи на Здружението на самостојни занаетчии со телесен инвалидитет, и тие во 2022 година ја „оживеале“ оваа локација со своите рачни изработки кои се навистина, како што вели Трајкоска, специфични и уникатни за изработка бидејќи за да се направи една бакарна плакета, потребно е особено многу внимание за деталите, како и време за рачната изработка.
– Јас сум лице со попреченост, односно телесен инвалидитет и околу 20 години го работам бакрорезот. Започнав да го работам преку проект на тогашниот Сојуз на лица со телесен инвалидитет во Македонија, сегашно „Мобилност Македонија“. Пред околу четири години заедно со група лица-ентузијасти, формиравме Здружение на лица со инвалидитет – уметници. Ние изработуваме повеќе работи кои потоа ги изложуваме во оваа сувенирница која ни е доделена од Министерството за култура во 2023 година – вели Стојаноска.
Нејзиниот занает е навистина интересен и во најмала рака несекојдневен, бидејќи таа се занимава со бакрорез, односно прави различни слики, плакети, магнети и останати сувенири од бакар и од отпаден бакар, кој, како што вели таа, иако е редок, може многу лесно да се пренамени и да се искористи за изработка на накит и помали сувенири.

Таа вели дека со овој занает не се занимаваат премногу луѓе и дека не е многу „популарен“, бара многу работа и работни часови, етапно работење кое трае со денови, за да се добие крајниот продукт, како најпрепознатливите плакети од бакар кои се тридимензионални и најчесто го промовираат Ресен и преспанското јаболко, но изработува и различни фрески и слики со бакарот.
– Во однос на изработката на бакрорезот, прво се црта и се прават слики на штица, со што ние ги искористуваме и отпадните материјали од штицата. Се прават плакети и магнети, каде што малите парчиња кои остануваат од бакарот ги пренаменуваме и ги претвораме во магнети. Исто така се користи и плех, кој исто така спаѓа во отпаден материјал. Од најмалите парчиња отпад од бакарот којшто не ни треба за изработка на плакетите се изработуваат мали сувенири за во автомобил и останати приврзоци – објаснува Гордана за „Слободен печат“.
Една плакета се изработува со денови, има намена и за отпадот
Во однос на процесот на изработка, Стојаноска вели дека плакетите се изработуваат во повеќе чекори кои бараат максимална посветеност, а за една плакета, од почетокот на изработка до финалниот продукт, нејзе ѝ се потребни од осум до десет работни часови, распределени во повеќе денови.
– За изработка на една од овие бакарни плакети ми се потребни помеѓу осум до десет работни часови. Прво треба да се направи шаблон, да се нацрта, па да се обработи и да се истакнат букви и слики како јаболкото на оваа слика. Потоа се превртува плакетата и на неа се нанесува и се полни со писа и парафин за да се истакне сликата, па потоа се лепи на штицата. На крај, се користат спрејови за сето тоа да дојде до израз – вели Стојаноска.

Таа уште напомена дека има и едно лице кое работи со органски мед, произведува органски мед и изработува свеќи од восок од пчелен мед, и со него имаат најголема соработка.
Стојаноска објаснува и дека отпадот од овој тип на бакар со кој се изработуваат сувенирите е сведен на минимум бидејќи во најголем дел може да се искористи, но од отпадот кој останува тие ги изработуваат бакарните магнети.
Отпадот од бакарот го има во поголеми количини и најчесто не се селектира и не се пренаменува, но Трајкоска вели дека доколку се воспостави квалитетен систем на селекција и рециклирање, таа, заедно со останатите членови од здружението, од него повторно можат да направат различни сувенири поради специфичната боја која ја добива, односно да му најдат намена во уметноста.
– Отпадниот бакар го има во големи количини од трансформаторите, бакарните жици, мотори и слично и тука веќе се јавува проблем бидејќи за него нема никаква намена и селекција и рециклирање. Особено во Преспа, доколку има селекција и рециклирање на бакарот, тој ќе се пренамени и повторно би се искористил за нешто слично или исто. Кога станува збор за уметноста, сепак може и отпадниот бакар да се користи, бидејќи колку повеќе стои тој повеќе сатинира и добива некоја сиво-кафеава боја и се користи за изработка на накит, некои сувенири и слично. Јас во моментот не работам со тој тип на отпаден бакар бидејќи е многу тешко да се најде, но доколку го набавам, знам како да го искористам – вели Стојаноска.

Освен со бакрорез, членовите на ова здружение се занимаваат и со производство на органски мед, а потоа и изработка на свеќи од восок од пчелен мед.
Сè започнало во мала работилница, целта е да се активираат и младите
Патот на ова Здружение започнал во една мала работилница каде во 2022 започнала изработката на овие сувенири од бакрорез. Тогаш, објаснува Стојаноска, Здружението работело со помош на донации од општествено-одговорни компании, а поддршка добиле и од Општина Ресен, со која соработуваат и денес. Но поради недоволните услови за работа, во 2023 година тие се префрлиле во сувенирницата каде денес работат и ги продаваат нивните изработки. Сувенирницата, според Стојаноска, била полн погодок и ја продолжила работата на Здружението.
– Здружението е формирано во 2022 година во една работилница која беше во близина на нашата семејна куќа и работевме со донации, но потоа се појавија повеќе фирми, а поддршка добивавме и од Општина Ресен и со нив многу соработуваме. Во 2023 година излезе прилика во која нам ни беше овозможено да ја користиме оваа сувенирница и да се изложуваат нашите продукти кои ги работиме заедно со членовите. Нашата цел беше сите членови неколку пати во неделата да се собираме и да изработуваме плакети и продукти, но и да се дружиме, но тоа не можевме постојано да го правиме бидејќи условите не беа идеални, а за лицата со попреченост треба да има максимални услови, греење, пристап и слично. Затоа оваа сувенирница беше вистинското решение – ни изјави Стојаноска.

Здружението на самостојни занаетчии со телесен инвалидитет брои околу 25 членови од кои во моментот активни се само четири или пет кои постојано се занимаваат со нови изработки, а тие своите изработки секоја година заеднички ги промовираат за време на Јаболкоберот и за Велигденскиот хепенинг, како и на други настани.
Оттаму велат дека главната замисла за оваа сувенирница била сето тоа што ќе го изработи здружението да биде изложено и евентуално продадено, со што би бил награден трудот на нивните изработки, а претседателката Гордана соопшти дека нејзината идеја за во иднина е да ја продолжи културата за бакрорезот со што би ги вклучила и младите и би им го пренела занаетот, со цел најпрвин да ѝ помагаат во изработката на сувенирите, помош која како што вели таа, ќе и биде од огромна корист, а потоа и тие самите да продолжат со нивни лични изработки на овој тип.



