Уметнички дуел помеѓу физичкиот простор и виртуелната реалност на изложбата на Лазе Трипков

Шестата самостојна изложба на Лазе Трипков со наслов „Pефлексии на новата реалност“ се осврнува кон приоритетните проблеми на новото време. Опкружувањето со информации поврзани со пандемијата и вирусот ковид-19 сите не присили да ги ограничиме социјалните потреби, а секојдневието полека да ни станува „дигитално“.

За време на карантинот во април 2020, Трипков го почна својот визуелен проект под наслов „Изолациско расположение – креативни рефлексии“, кој привлече сериозно внимание дома, како и пошироко. Сите плакати или визуелни размислувања, кои од 19 октомври се изложени во галерискиот простор на „Мала станица“, се лична рефлексија и се одраз на лични доживувања.

Доминираат пејзажите, а има и многу колажи и колажни експресии, кои имаат за цел да го манифестираат ставот на Трипков кон изолацијата и дополнитeлно да помогнат во артикулацијата на неговиот личен развој како визуелен уметник.

– Преку оваа изложба/проект ќе се обидам да иницирам дуел меѓу уметноста во галеријата (галерија како физички простор) и галеријата во виртуелна реалност (виртуелен галериски простор). Посетителот има директна можност покрај изложените плакати и сам да управува со содржината на делата. Преку посебно креирана платформа за виртуелна реалност, со помош на виар-технологија секој ќе може да нурне во моите визуелни рефлексии, да ги обликува и да раководи со содржината, да ја модифицира, користејќи ги постојните форми од плакатите – истакнува Трипков.

Изложбата има трансмедијален карактер што поттикнува технолошка и директна интеракција на посетителот и авторот, преку неговите дела, а интензивирано преку виар-технологијата.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и неколку приватни компании и поединци. Куратор на проектот е Ана Франговска, а соработник за виар-технологија е Трајко Митревски.

Авторот Лазе Трипков е вонреден професор на Факултетот за уметност и дизајн на Меѓународниот Балкански универзитет во Скопје. Основач е на „Плакарт“ и „Скопје постер фестивал“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 102, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот