Улицата Ленинова за првпат ќе добие атмосферска канализација
На улицата Ленинова, која во моментов се реконструира, за првпат се поставува атмосферска канализација. Оваа е една од многуте улици низ Скопје која досега немала атмосферска канализација, па поради тоа честопати се поплавувала. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши увид на градежните работи за реконструкција на улицата.
Препорачано
Во моментов за првпат се поставува атмосферска канализација во должина од 516 метри која досега улицата Ленинова ја немаше и поради која често имаше поплави. По ова ќе биде поставена и нова водоводна мрежа во должина од 411 м2. Водиме сметка и за резидентните паркинг места на станарите кои ќе бидат со агол од 45 степени за да се ослободат тротоарите, на кои сега има коли. Планираме и нова велосипедска патека од едната страна на улицата, нови рабници, осветлување, нови канделабри. Каблите кои сега се испреплетени во дивите костени ќе бидат спуштени подземно и во договор со ЈП „Паркови и зеленило“ крошните на дрвјата ќе бидат искроени со цел да не ја попречуваат светлината од канделабрите и да не удираат во фасадите на зградите. Исто така по насока на претпријатието старите и исушени дрвја ќе бидат отстранети – рече Герасимовски.
Улицата „Ленинова“ е долга 510м поради што ќе биде поставен нов асфалт од 4000м2. Ќе има нови пешачки патеки од 4100м2 каде ќе бидат поставени клупи и канти за отпадоци, но и паркинзи за велосипеди на обележана вело-патека на ниво на коловоз од едната страна. За побезбеден сообраќај на две места на коловозот ќе има подигнувања т.н бариери за намалување на брзината.
Од Општина Центар велат дека по улицата Орце Николов сега се прави уште една модерна сообраќајница која е и една од главните артерии кон булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. По реконструкцијата граѓаните ќе добијат значително намалување на сообраќајниот хаос особено во попладневните часови.


