Руски воен авион Су-30СМ принтскрин јутјуб

Украински дрон оштетил руски Су-30 и Панцир-С1 во срцето на Крим

Војната во Украина продолжува со несмалена свирепост, и покрај воените напредувања на Русија на сите фронтови, Украина сè повеќе извршува длабински напади со беспилотни летала – па дури и во срцето на Крим.

Најновиот напад се случи на 1 јули, кога беспилотните летала „Бобер“ УЈ-26, во подобрена верзија со термални камери и рачно наведување, го погодија рускиот ловец Су-30, но и системот за воздушна одбрана Панцир-С1.

Според тврдењата на украинската разузнавачка служба, беспилотните летала ги онеспособиле и радарите „Ниобиум-СВ“, „Печора-3“ и „Противник-ГЕ“, а нападот бил снимен и објавен.

Украинските беспилотни летала погодија руски ловец и систем за воздушна одбрана на Крим, е насловот на статијата на украинскиот медиум „Милитарни“, во која се истакнува успехот и модернизацијата на беспилотните летала „Бобер“.

Еден од дроновите ја помина противвоздушната одбрана и ја погоди областа во непосредна близина на авионот Су-30, додека на снимката се гледа персонал и опрема во близина на авионот со отворена кабина – што може да значи обид за итно полетување, стои во објавите на телеграм каналите за војната во Украина.

Киев не даде никаква објективна потврда по нападот, но тврдеше дека моќта на боевата глава била „веројатно доволна за да го оштети авионот“.

Воздухопловната база Саки – клучна цел

Базата Саки на Крим е централна точка на руските воздушни операции. Таму се стационирани Су-30СМ, Су-24М и Су-24МР, како и други борбени авиони кои повремено учествуваат во напади врз стратешки цели низ цела Украина.

До 2014 година, служеше како база за украинските вооружени сили. Денес, таму е сместен 43-от полк за ловно воздухопловство на руските воздухопловни сили.

Од почетокот на војната, базата беше цел на повеќе напади, вклучувајќи го и нападот во август 2022 година во кој беа уништени повеќе авиони – пет бомбардери Су-24, три Су-30СМ и уште три оштетени авиони, според Киев.

Подоцна, во текот на 2024 година, базата беше погодена и од балистички ракети АТАЦКМС, погодувајќи складишта, неименувани радари и персонал, исто така според тврдењата на Украина.

Успешни напади, но исходот од војната е неизвесен

Иако украинските беспилотни летала извршија спектакуларни напади во последните месеци, не само на Крим, туку и длабоко на територијата на Русија, уништувајќи дури и стратешки бомбардери, сè повеќе се наметнува заклучокот каков ќе биде исходот од војната за двете страни.

Според сè пореалните проценки, Русија ќе ги задржи Крим, Донбас, Маријупол, како и сите територии што ги контролира на денот на идниот мировен договор додека  успешните напади со беспилотни летала на Украина, значајни за Киев, а особено за Западот, не го менуваат стратешкиот тек на конфликтот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот