Украина ќе ги бојкотира Игрите во Париз 2024 доколку настапат руските и белоруските спортисти?

Украина опоменува дека ќе ги бојкотира Олимписките игри што ќе се одржат во Париз во 2024 година, доколку на истите бидат поканети спортисти од Русија и Белорусија, чии репрезентации се исфрлени од речиси сите меѓународни натпреварувањата поради руската агресија врз Украина.
Можноста за испраќање покана до руските и белоруските спортисти и спортистки ја спомена градоначалничката на Париз, Ан Хидалго, која изјави дека сака нивно учество, но без да ги нагласи националните обележја.
Ден претходно, Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) посочи што треба да се случи за повторно вклучување на спортистите од тие две земји на меѓународните натпреварувања.
– Оваа ситуација е неприфатлива за нашата земја. Нашиот став останува непроменет: додека трае војната во Украина, руските и белоруските спортисти не треба да учествуваат на меѓународни натпреварувања Доколку ова не се почитува, не ја исклучувам можноста за бојкот и наше одбивање да учествуваме на Олимписките игри – објави украинскиот министер за спорт Вадим Гутцајт на Фејсбук.
ИОК во средата соопшти дека „ниту еден спортист не смее да има забрана да се натпреварува исклучиво врз основа на пасош“, по консултациите со претставниците на спортистите, меѓународните федерации и националните олимписки комитети.