УЕФА направи план, летово нонстоп ќе се игра фудбал

УЕФА нема да покрене судски спор против германска пицерија/ фото: EPA-EFE/LAURENT GILLIERON

Европската фудбалска унија (УЕФА) веќе направи план како да се завршат натпреварувањата во националните шампионати и во Лигата на шампионите и Лигата на Европа.

Планот е веќе изготвен и УЕФА денеска ќе им го проследи на сите земји членки, а интересно е што ова е конечен план и нема да има менување.

Според него, сигурно е дека Лигата на шампионите и Лигата на Европа мора да бидат завршени макар финалните натпревари се играле во септември со што ќе мора да се промени календарот за наредната сезона, а тоа би резултирало и со укинување на куп натпреварувањата во земјите низ Европа и најверојатно промена на форматот во наредните изданија на европските купови.

Според првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин, јуни е клучниот месец за спас на европскиот фудбал. Во УЕФА се убедени дека тогаш ќе може да се игра фудбал и за тоа очекуваат голема подрршка од Шпанија и Англија чии федерации по секоја цена сакаат да се доиграат првенствата.

Во поглед на ова прашање, европската куќа на фудбалот ќе им остави на националните федерации да одлучат дали ќе ги продолжат или откажат натпреварувањата.

Планот за доигрување на Лигата на шампионите го направи генералниот секретар на УЕФА, Џорџо Маркети и тој предвидува да се доиграат четирите реванш натпревари од осминафиналето, а потоа во четвртфиналето и полуфиналето да се игра по еден натпревар.

Финалето би се играло кон крајот на јуни во Истанбул доколку се смири состојбата со пандемијата на коронавирусот. Во план е и финалето да се игра во друг град и држава кои се помалку погодени од пандемијата на коронавирусот.

Поголем проблем на УЕФА и е Лигата на Европа каде треба да се одиграат уште 27 натпревари и засега најавите се дека би се играло и во јули и август доколку е потребно.

УЕФА исто така ќе побара од клубовите да ги продолжат договорите на играчите кои истекуваат во јуни се додека не се заврши сезоната.

Поради поместувањето на крајот на сезоната, УЕФА планира да ги спои летниот и зимскиот преоден рок и тој да трае откако ќе започне новата сезона се до крајот на јануари идната година.

Што се однесува до Лигата на Нациите, УЕФА најверојатно ќе ги одложи баражите за пласман на ЕП кои треба да се играат во јуни и новиот термин би бил во септември. Токму во септември треба да започне новото издание на Лигата на Нациите, но тоа би стартувало откако ќе финишираат натпреварите од плејфот каде и Македонија прво против Косово, а потоа и доколку победи во финалето, ќе ја бара шансата за пласман на ЕП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот