Училиштата во северно Косово одбиваат да отстапат простор за гласањето за разрешување на градоначалниците

Газета Експрес

Централната изборна комисија на Косово објави дека само десет гласачки центри од вкупно 43 се достапни во четирите северни општини, населени со мнозинско српско население, за гласањето на 21 април за смена на градоначалниците од функцијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовската ЦИК објави дека 33 гласачки центри, главно училишни објекти, одбиле да се отворат за гласањето в недела, поради што интензивно се работи на изнаоѓање алтернативни локации за гласање во општините Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.

Шефот на секретаријатот на ЦИК, Бурим Ахметај, рече дека директорите на училиштата на северот одбиле да ѝ дадат пристап на ЦИК со тврдење дека имаат училишни и културни активности на денот на изборите.

Сепак, рече тој, се работи на идентификување на локации за отворање на алтернативни центри за гласање на 21 април.

Членот на ЦИК од редовите на владејачката партија во Косово, Движење самоопределување, Сами Куртеши побара кривично гонење за одговорните лица кои одбија да ги дадат на користење училишните објекти за гласањето в недела.

Србите и српските партии ги бојкотираа општинските избори во четирите општини со мнозинско српско население во Косово, одржани на 23 април 2023 година.

По поставувањето на градоначалниците Албанци, избрани со исклучително мал број гласови, во општинските згради, со асистенција на полицијата, Србите предизвикаа немири на северот.

Подоцна се појави барањето за одржување нови избори, за што се изготви административно упатство, врз основа на кое е покрената петиција за разрешување на градоначалниците, по што, доколку се изгласа разрешувањето, ќе се распишат нови градоначалнички избори во четирите општини.

Според упатството на Владата во Приштина, ЦИК за 21 април го закажа гласањето за разрешување на актуелните градоначалници.

На ова гласање му претходеше собирањето потписи за петицијата за смена на градоначалниците Албанци на овие општини.

Петицијата ја поддржа и Српската листа, но пред десет дена, на 7 април, оваа најголема партија на косовските Срби, која ја ужива поддршката на Белград, соопшти дека нема да учествува во процесот на гласање, бидејќи, како што нагласи, „косовскиот премиер, [Албин] Курти направи сé за да спречи процесот да биде успешен“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот