„Убивме 48 ирански лидери“: Доналд Трамп се пофали со далеку поголема бројка од досега потврдените информации
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека 48 лидери биле убиени во американско-израелските напади врз Иран, пренесе „Ројтерс“.
Препорачано
– Се движи напред. Се движи брзо. Вака е веќе 47 години. Никој не може да поверува во успехот што го имаме, 48 лидери се елиминирани во еден удар. И сето тоа се одвива многу брзо – се пофали Трамп.
Изјавата на Трамп доаѓа во услови на нагло заострување на кризата на Блискиот Исток. Во саботата САД и Израел извршија удари врз цели во Иран, по што Техеран одговори со ракети и со дронови. Иранските медиуми објавија дека пловидбата низ Ормускиот Теснец е практично прекината.
Бројката што ја изнесе Трамп е значително повисока од досега официјално потврдените информации од ирански и од други извори, кои зборуваат за смрт на врховниот лидер и на повеќе високи функционери, но не и за толкав вкупен број политички и воени раководители.
Иранските власти денеска ја потврдија и смртта на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, како и на повеќе високи претставници кои загинале во нападите.
Вашингтон и Тел Авив тврдат дека Техеран развива нуклеарна и ракетна програма што претставува закана за Израел и американските партнери, додека Иран инсистира дека неговите нуклеарни активности имаат исклучиво цивилна и мирољубива намена.


