Убиен е еден од најистакнатите воени функционери на Хутите
Јеменските Хути објавија дека нивниот началник на Генералштабот, Мухамед Абд ал-Карим ал-Гамари, еден од најистакнатите воени функционери на проиранското движење, е убиен „вршејќи ја должноста“.
Препорачано
Без директно да го обвинат Израел за убиството, Хутите објавија само дека конфликтот со таа држава не е завршен и дека таа „ќе биде казнета за злосторствата што ги извршила“, пренесува Ројтерс.
Во август, Израел ги таргетираше Генералштабот, министерот за одбрана и други високи функционери во воздушен напад врз јеменскиот главен град Сана. Премиерот на владата на Хутите во Јемен и неколку други министри беа убиени во нападите.
Потоа Израел објави дека ал-Гамари, министерот за одбрана и други функционери биле цел на нападот и дека ќе ги потврди резултатите од нападот. Гамари бил член на „Џихад Канцеларијата“ на Хутите, задолжена за надгледување на воените операции предводени од Абдул Малик ал-Хути, брат на убиениот основач на движењето. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац во четврток објави дека Гамари е цел на израелски напад. „Истото ќе го сториме против секоја закана во иднина“, додаде тој.
Хутите започнаа ракетни напади врз Израел, велејќи дека тоа е чин на солидарност со Палестинците во Газа. Повеќето од тие ракети беа соборени, а Израел одговори со напади врз делови од Јемен контролирани од Хутите.
Јеменското движење, исто така, ги таргетираше бродовите во Црвеното Море, обидувајќи се да ги прекине трговските патишта со цел да ја запре офанзивата во Газа. Малик ал-Хути минатата недела објави дека групата ќе продолжи со нападите врз Израел доколку не го почитува договорот за прекин на огнот во палестинската енклава, пренесува Ројтерс.


