Уапсени тројца терористи во Македонија (ВИДЕО)

На почетокот на 2019 година, А.Б. создал терористичка-злосторничка организација во која членуваат В.А., Е.Љ. и уште неколку лица и заедно формирале злосторничка организација „ќелија“ со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера на изведување на терористички акт на цели на територија на Македонија.

Министерството за внатрешни работи во соработка со Агенцијата за национална безбедност и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција приведе трочлена терористичка група која делувала на територијата на Македонија.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против Б.А. (28) од Куманово, а кој престојува во Скопје, за сторено кривично дело „терористичка организација“ и за кривично дело „тероризам“, како и против В. А. (22) и Е. Љ. (25), двајцата од Куманово, кои сеобвинети за истите кривични дела.

Б.А., В.А. и Е.Љ. се рецидивисти, односно повратници, лица кои претходно за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“  се правосилно осудени и издржале казна затвор.

На почетокот на 2019 година, А.Б. создал терористичка-злосторничка организација во која членуваат В.А., Е.Љ. и уште неколку лица и заедно формирале злосторничка организација „ќелија“ со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера на изведување на терористички акт на цели на територија на Македонија. За остварување на таа намера, членовите на групата обезбедувале финансиски средства и набавиле поголема количина на оружје, муниција и воена опрема, која ја сокриле-складирале во близина на локалниот пат помеѓу селата Биљановце и Пчиња кај месноста викана „Менкова Колиба“.

Како резултат на добиени оперативни сознанија и примена на оперативно тактички мерки на споменатата локација пронајдени се пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурачи, две маскирни капи, две поткапи црна и сива боја, два пара маскирни ракавици, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС), марама со испишани арапски букви.

Врз основа на издадени наредби од основниот Кривичен суд Скопје од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал со подршка на Одделот за специјални полициски операции извршени се претреси во дом и други простории кај лицата Б. А., В. А. и Е. Љ. на вкупно четири локации, од кои три на подрачјето на Куманово и една на подрачјето на Скопје, и притоа истите се лишени од слобода.

Од извршените претреси пронајдени и одземени се: два појаси рачно изработени исполнети со прашкаста материја (експлозив), метални кугли (лагери) монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурач за експлозивна направа, лап-топ компјутер, девет мобилни телефони, пет СИМ картички, електронски уред со објектив, две USB-а, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви и возило „ауди А-3“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот