Уапсен американски студент кој повикувал на убиство на сите Евреи
Федералното обвинителство на САД денеска подигна обвинение против студент на Универзитетот Корнел, кој беше уапсен за наводно повикување на убиство на Евреи преку онлајн закани кон еврејските студенти на престижниот американски универзитет во текот на викендот. Апсењето доаѓа откако официјални лица вчера на сослушување во Конгресот предупредија за пораст на омразата насочена кон еврејските студенти во САД за време на конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа.
Препорачано
Американската влада и Лигата за борба против клеветата известија за зголемени закани против Евреите, муслиманите и Арапските Американци откако изби конфликтот во Газа. Во федералната жалба, осомничениот бил идентификуван како Патрик Даи (21) и обвинет за објавување закани дека ќе убие или повреди друго лице користејќи меѓудржавни комуникации.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, претходно изјави дека „лице од интерес“ е во притвор на полицијата на државата Њујорк на сослушување. Американското Министерство за правда го обвини за објавување пораки на онлајн форумот на Корнел. Тие вклучуваат повици за смрт на Евреите и закани дека ќе пука во трпезаријата во кампусот.
Федералните обвинители тврдат дека Даи се заканил дека ќе го прободе и заколи секој Евреин што ќе го види во кампусот, ќе ги силува и фрли сите Еврејки од карпа и дека ќе ги обезглави сите еврејски бебиња. Тој, исто така, се закани дека ќе употреби автоматска пушка за да пука во Евреи, според соопштението за печатот на Министерството за правда.
Во понеделникот, Белата куќа изрази загриженост за заканите, а претставници на администрацијата на Бајден се состанаа со американските еврејски водачи за да разговараат за начините за запирање на зголемениот бран на антисемитизам на американските универзитети.
Џоел Малина, потпретседател на Корнел за универзитетски односи, рече дека универзитетот е благодарен на ФБИ за апсењето на осомничениот. „Шокирани сме и ги осудуваме овие антисемитски закани и веруваме дека тие треба да бидат кривично гонети во целосна мерка на законот“, рече Малина.


