Турската полиција го исфрли лидерот на опозицијата од седиштето со солзавец
Турската полиција со солзавец насилно влезе во седиштето на главната опозициска партија во Анкара за да го истера нејзиното соборено раководство, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Облаци солзавец имало над зградата на Републиканската народна партија (ЦХП), додека оние внатре викале и фрлале предмети кон влезот додека полицијата ја пробивала импровизираната барикада. Засега нема пријавено повредени.
Ова доаѓа откако турскиот суд го разрешил лидерот на Републиканската партија (ЦХП) Озгур Озел во четвртокот, поништувајќи ги резултатите од конгресот на партијата каде што тој беше избран во 2023 година, наведувајќи нерегуларности. Откако било наредено иселување на лицата од седиштето, настанале и немирите.
На местото на Озел со судска одлука е вратен поранешниот претседател Кемал Киличдароглу, кој загуби од претседателот Таип Ердоган на изборите таа година.
„Ние сме нападнати“, рече Озел во видео порака споделена на социјалната мрежа X додека безбедносните сили влегуваа.
Тој вети дека ЦХП отсега ќе биде „на улиците, на плоштадите, марширајќи кон власта“.
Потоа тој ги поведе поддржувачите на марш до турскиот парламент, кој е оддалечен 6 километри, каде што одржа говор пред илјадници луѓе, кои скандираа „Предавник Кемал“ и „Рамо до рамо против фашистите“.
„Додека оваа борба не ја ослободи партијата од окупација, нашето седиште е тука“, им рече Озел на насобраните, пред да влезе во собранието. Пратениците на ЦХП во саботата го избраа Озел за лидер на парламентарната група на партијата.


