Тунџев: Имотот во Радишани според катастарската евиденција воопшто не е на Петровска

Борис Тунџев, директор на Катастарот за недвижности/Фото: Фејсбук

Министерката за одбрана Славјанка Петровска попладнево не доби извинување од поранешниот припадник на Армијата, сегашен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки кој тврди дека таа имала непријавен имот – хациенда со базен во Радишани.

Петровска на прес конференција се закани со тужба за клевета доколку Ковачки не и’ се извини за презентирањето лаги и неточни податоци. Меѓудругото со покажувањето на фотографии од објект во Радишани, нарушена е приватноста на семејството кое живее на оваа адреса.

Директорот на Катастарот Борис Тунџев во изјава за „Слободен печат“ потврди дека споменатиот имот во Радишани, според катастарската евиденција воопшто не е на Петровска.

-Подобро да и се извини на министерката. Ова се ноторни лаги и невистини и покажуваат безидејност на опозициската партија која мавта со невалидни јавни документи од Катастарот. Министерката поседувала иделен дел, помалку од една третина од земјиште во КО Радишани до 2020 година кое го оттуѓила со купопродажен договор на лицето кое сега е сопственик на таа парцела, вели Тунџев за „Слободен печат“.

Тој објаснува дека она што денеска Ковачки го презентираше пред медиумите, е пописен лист со незапишани  и неутврдени права креиран во 2011 година, кој се користел во постапките на систематско запишување на правата врз недвижностите во катастарот на недвижности за КО Радишани и истиот не претставува доказ за сопственост.

-И во овој документ покрај нејзиното име стои право на сопственост – нула. Станува збор за класична лага. Петровска воопшто нема имот во Радишани како што самата потврди денеска. Тоа што било кое лице е евидентирано во некој пописен лист, не значи дека истото тоа лице е и носител на правото на сопственост на таа недвижност, појаснува Тунџев.

Тој укажа дека било кое заинтересирано лице може врз основа на поднесено барање да изврши увид во податоците за запишаните права во катастарот на недвижности. Тие се јавна книга и се јавно достапни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот