Петровска одговори на обвинувањата од Ковачки: Немам хациенда во Радишани, безбедњакот да се извини или ќе го тужам

Фото: Колаж / Слободен печат

Пратеникот Драган Ковачки денеска презентираше фотографии и сателитски снимки од имот за кој тврди дека е скриен имот на министерката за одбрана Славјанка Петровска. Со вакви обвинувања Ковачки излезе пред два дена во директното соочување со Петровска во ТВ емисијата „Само вистина“ кога тврдеше дека министерката во анкетниот лист испратен до Државната комисија за спречување корупција не пријавила имот во скопско. Петровска му одговори дека нема непријавен ниту недвижен ниту движен имот.

-Ако постои таков имот уште утре ќе го донирам на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи и онака со судска наредба на вашата партија и се одзема имотот, рече Петровска во дебатата со Ковачки.

Ковачки на денешната прес конференција, своето тврдење за непријавениот луксузен имот на Петровска, односно „огромна хациенда со базен во Радишани“ го поткрепува со евиденцијата на министерката во единсвениот избирачки список.

-Жителите од тој дел на улица Радишанска според избирачкиот список гласаат во избирачкото место 2948/1 кое се наоѓа во ОУ Ацо Шопов. Тоа е истото избирачко место каде гласа и Славјанка Петровска. По што може да се заклучи дека адресата на луксузната хациенда на Славјанка Петровска е и адреса на живеење која истата ја има во личната карта. Дополнително според нашите информации хациендата на Петровска, покрај тоа што не е пријавен како нејзин имот во ДКСК, таа е и дивоградба, односно истата не е легализирана, тврди Ковачки, па додава дека во духот на одговорот на министерката во емисијата, наместо на ВМРО-ДПМНЕ, овој имот да им го подари на здруженијата на бранители и побара оставка од неа.

Министерката Славјанка Петровска попладнево на прес конференција ги демантираше наводите на Ковачки и побара извинување, а ако не го добие и тужба за клевета.

-Имотот кој бегалецот Ковачки го посочи никогаш не сум го поседувала. Единствено што поседував е плац кој со уредно склучени договори за купопродажба е оттуѓен односно продаден пред повеќе од десетина години. Безбедњакот, поранешниот воен разузнавач, кој беше дел од сценариото за 27 април и кој ги извиси и се огради од оние што ги поттикна на насилство има рок од 24 часа да се извини за овие невистини. Во спротивно ќе му биде поднесена тужба за клевета, а парите ќе ги донирам за жртвите од владеењето на неговиот Никола Груевски. Го повикувам да се извини на семејството кое е легален и чесен сопственик на овој имот и да престане со старите ДПМНЕ-овски навики за незаконско следење и фотографирање, рече министерската Петровска.

Таа изрази жалење што пратеникот Ковачки избегнува да зборува за успесите на Армијата, туку одбрал да се занимава со конструкции против неа.

-Ова нема да ме заплаши ниту да ме поколеба да ја зборувам вистината. За мене секогаш е време да ја зборувам вистината. А зошто поранешниот припадник на Армијата кој самиот одбра да излезе од Армијата и да и служи на една политичка партија, а не на државата одбира навистина во едно вакво време да прави конструкции и лаги против мене како министер за одбрана па и против армијата, тоа е прашање кое треба да му го поставите на него. Јас нема да бегам и ќе останам транспарентна во одговорите, рече Петровска.

Паралелно со обвинувањата контра министерката Петровска, пратеникот Ковачки не одговори ниту во емисијата ниту потоа како бил унапреден за полковник пред време, прашање кое му го постави отвори Петровска.

Ковачки само кусо коментираше дека бил унапреден за вонредни заслуги, без да одговори дали ги имал потребите компетенции.

-Треба да го прашате тогашниот министер за одбрана зошто ме унапредил. Унапредувањето не може да го вратите, тоа може само да го прифатите. Зарем сметате дека треба да обжалувам нешто на што сум горд, рече Ковачки.

Според извори на „Слободен печат“ Драган Ковачки станал потполковник на 18.8.2012 година, а според законот полковник можел да стане најрано на 18.8.2016 година, односно една година порано, но само ако бил оценет дека „особено се истакнува“

Ковачки за физичката способност добил оценка 2, а ги немал и другите одлични оценки за да го исполни законскиот услов за унапредување. Ковачки бил унапреден во чин полковник на 26.5.2016 година, 3 месеци пред законски предвидените рокови, што е спротивно на законските одредби, но тој не го обжалил решението за унапредување, туку благодарение на него станал раководител на Секторот за воена безбедност и разузнавање. Во неговата војничка биографија стои и тоа дека е разрешен од позицијата командант на 1. Механизирана бригада, поради незаконско поставување од страна на тогашниот претседател Ѓорге Иванов за време на избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот