Туфегчиќ: Две истраги се компромитирани, преседан е начинот на кој Пендиков е изнесен од државата

Преседан е начинот на којшто 22-годишиот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб Цар Борис Трети од Охрид е изнесен од државата, а истрагата за кафеанската тепачка што прерасна во дипломатски скандал е целосно компромитирана со изјавите на политичарите, вели за ТВ Телма адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ.

-Факт е дека начинот на кој сето тоа е направено, со целосно игнорирање на македонските правосудни власти, е опасен преседан, бидејќи се работи за активна истрага, која веќе е компромитирана со политичките изјави на политичките чинители. На тој начин се отежнува работата на јавниот обвинител, вели адвокатот Туфегчиќ.

Лицето е осомничено како сторител на кривично дело, но и во таа постапка, додава Тугефчиќ, имајќи го предвид настанот што го предизвика вниманието, не знам дали јавниот обвинител во тој контекст побарал од судот за лицето да бидат определени мерки за обезбедување присуство токму за спроведување на оваа постапка.

Двата искази на Пендиков се доволни за Обвинителството

Засега нема официјален став и појаснување од МНР, ниту од Министерството за здравство за процедурата по која тој ја напуштил државата, а од Обвинителството велат дека во однос на други постапки за наведеното лице, повеќе детали ќе изнесат в понеделник откако ќе биде направен увид во предметите што се споменуваат.

-Оштетениот до сега два пати даде свој исказ во постапката и е достапен на органите на прогонот. Освен тоа, тој има правен интерес да учествува во постапката. Јавното обвинителство нема ниту една законска основа да задржува оштетено лице, велат од Обвинителство за МИА.

Двата искази на Пендиков беа доволни обвинителството да побара притвор за 24-годишен охриѓанец кого го сомничи за кривично дело – Тешка телесна повреда според член 131 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 19 јануари, во кафе бар во Охрид, пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите – „не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил.

-Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот, соопшти Обвинителството.

Познати на полицијата и Пендиков и напаѓачите

Полицијата вчера соопшти дека според исказот на Христијан Пендиков, дадена веднаш по инцидентот, нападот се случил во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија” во Охрид, а потоа и надвор од објектот. Тој бил физички нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид.

Пендиков но и напаѓачите и се добро познати на охридската полиција, а тој на 17 декември минатата година е фатен со кокаин и добил кривична пријава, што според Туфекчиќ и оваа истрага е компромитирана со неговото заминување во Софија, иако требало да се спроведе до крај.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.П.(22) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’. При преглед извршен во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин“, соопшти СВР Охрид тој ден.

За тепачите пак постојат досиеја дека се пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир, во повеќе наврати.

Пендиков вчера со бугарски владин авион е префрлен во Софија каде во понеделник ќе биде опериран на Воено-медицинската академија. Медицинската установа ја опиша неговата состојба како умерена, но не опасна по живот иако има повреди на лицето и телото и скршеница на долната вилица.

Поради овој случај кој во Охрид се толкува како криминална пресметка, официјална Софија но и одредени тамошни националистички кругови бурно реагираа, дури и со закани за ново вето на членството на РСМ во Европската унија.

Утре министерот за надворешни работи Бујар Османи во разговор со неговиот бугарски колега Николај Милков ќе се обиде да ги разјасни околностите на инцидентот со Пендиков но и другите претходни провокации и скандали кои ги нарушуваат кревките македонско – бугарски односи.

Во Софија бруталниот напад врз Пендиков се толкува исклучиво како акт на насилство поради неговата бугарска националност и функцијата, секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид кој во неколку наврати беше мета на напади од непознати напаѓачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот