Тројца граѓани наместо во карантин, се шетале по улица

Ковид Грција/ Фото EPA-EFE/PANTELIS SAITAS

За нив ОЈО од надлежните судови побара големи парични казни.

Против две лица Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози заради сторени кривични дела – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Првиот обвинет, на 18 март, на граничниот премин Деве Баир, враќајќи се од Бугарија, потпишал изјава дека ќе се самоизолира во траење од 14 дена во неговиот дом во Крушопек. Но, не постапил според прописите и наредбите на Владата со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на заразната болест COVID-19. На 19 март, при полициска контрола, 42-годишниот обвинет не бил затекнат во неговиот дом.

Вториот обвинет, пак, на 24 март во 23:50 часот не ја почитувал Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, па со патничко моторно возило Фолксваген голф се движел по локалниот пат од Кондово кон Сарај. При обид да биде контролиран од страна на полициски службеници, обвинетиот 29-годишник, не застанал и продолжил да се движи.

Надлежниот јавен обвинител на Основниот кривичен суд Скопје му предложи на двајцата обвинети да им изрече парични казни од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.

Основното јавно обвинителство од Охрид пак до надлежниот суд достави предлог за издавање казнен налог против едно лице за сторено кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, предвидено и казниво во чл. 206 ст. 1 од Кривичен законик.

Обвинетата на 18 март, допатувала од Швајцарија-земја со високо ниво на ризик. Иако, на граничниот премин Меѓународен Аеродром-Скопје потпишала изјава, постапила спротивно на наредбата на Министерот за здравство и Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за мерки за спречување на внесување и ширење на корона ворусот-COVID-19. Наместо да спроведе задолжителна самоизолација во времетраење од 14 дена на адресата дадена во изјавата, излегла од своето престојувалиште и се упатила во непознат правец. На 20 март, при контрола извршена од страна на полициски службеници, обвинетата не била пронајдена во престојувалиштето со што го сторила кривичното дело што и се става на товар.

Обвинителството, му предложи на судот на обвинетата да и биде изречена кривична санкција, парична казна во висина од 100 дневни глоби во вредност од 20 евра за една дневна глоба, односно вкупно 2000 евра и да ја задолжи со трошоците на постапката.​

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот