Трочањи и Плумб „неподобни“ да бидат европски комесари

Одборот за правни работи на Европскиот парламент одлучил дека Ласло Трочањи од Унгарија и Рована Плумб од Романија се неподобни да бидат европски комесари, напиша на Твитер член на одборот Тимо Велкен.

„Несомнена неправда, недостаток на транспарентност, јасно и намерно кршење на права и процедури и непочитување на основни принципи на демократијата, кои ме потсетуваат на време за кое мислев дека е минато“, наведе Трочањи во твитот на француски, англиски и унгарски јазик.

Според неговите зборови, таа одлука нема да влијае „само на правниците и мислителите, туку и на поединците“.

„Споменатата одлука е само збир на лаги, неточни кратенки и тенденциозни амалгами“, напиша унгарскиот кандидат за ЕК. Тој навел и дека „нема друг избор“ па своите права ќе ги бара пред надлежниот суд.

Во Европскиот парламент денеска започнаа сослушувањата на идните европски комесари, кои ќе траат до 8 октомври. Според планот објавен на Твитер, Трочањи, како кандидат за проширување и соседство, требал да биде испитан во вторник на 1 октомври, а Плумб ден подоцна, на 2 октомври.

Одборот на Европскиот парламент претходно го отфрли предлогот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Ласло Трочањи да биде нов комесар за проширување и соседство, заради конфликт на интерес. Од истата причина е одбиена и кандидатката на Романија за европски комесар за транспорт, Рована Плумб.

Унгарскиот кандидат за комесар за проширување е спорен заради адвокатската канцеларија која ја основал пред да стане министер за правда, а за која рекол дека одамна нема врска со него, туку само го носи неговото име.

Рована Плумб е оспорена за кандидатура заради непријавени средства од блиску милион евра, кои наводно ги позајмила за финансирање на својата европска кампања, за која не доставила докази.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот