Трката за следен британски премиер: Бркање на духот на Маргарет Тачер

Колаж на СП/ Профимедиа

Кандидатите за следен британски премиер, Лиз Трас и Риши Сунак се стремат кон идеалите и политиките на познатиот поранешен лидер на земјата, што се смета за голема промена кај британските Конзервативци

Поранешната премиерка на Велика Британија, Маргарет Тачер, во 1987 година славно изјави дека и понатаму ќе продолжи да ја води земјата. Иако по три години од изјавата таа беше сменета од страна на Џон Мејџор, нејзината популарност кај британските Конзервативци остана и 35 години подоцна.

Финалистите во битката за следен британски лидер, Лиз Трас и Риши Сунак, иако имаат различни ставови за економските и политичките ставови, се чини дека и двајцата сакаат да ја надоврзат идеологијата на поранешната британска премиерка. Некои од набљудувачите на британската политичка сцена сето ова го оценуваат како криза на Конзервативната партија која се „обидува да го пронајде својот идентитет“.

Духот на Тачер се чини дека подолго време не е дел од политиката на Ториевците, пишува „Политико“. Во лидерските трки во 2019 и 2017 година, каде победници беа Борис Џонсон (2019) и Тереза Меј (2017), како и во 2005 година каде славеше Дејвид Камерон, идеологијата на Тачер скоро и да не беше воопшто спомната, пишува бриселскиот весник.

„Во овие 32 години откако таа се повлече, ниту еден конзервативен лидер не ѝ пристапил. Никој не освои три изборни победи, никој не ја обедини десницата, никој не направи Британија повторно да се чувствува толку силна како земја. Таа имаше се“, вели Ентони Селдон, британски историчар.

Маргарет Тачер / EPA/FABRICE COFFRINI
Маргарет Тачер / EPA/FABRICE COFFRINI

„Сите ја сакаат Маги“

Прашани кои според нив се најдобрите лидери на партијата во историјата, и Сунак и Трас прво ја спомнаа токму Тачер.

Сунак во изјава за новинарите ја пофали политичката храброст на Тачер на почетокот на нејзината премиерска функција.

„Ако се сеќавате на нејзините рани буџети и всушност, што требаше да направиме како земја во таа фаза, иако беше тешко, таа сфати дека прво треба да ја контролирате инфлацијата и да ја контролирате јавната потрошувачка“, рече Сунак. „Тоа беше нејзината идеја и тоа е токму истиот пат што сакам да го следам“.

За Трас, Тачер е идол затоа што „таа ја однесе Британија на вистински пат“ во тешко време.

„Она што го почувствував во 1980-тите е зголеменото чувство на гордост во нашата земја и зголеменото чувство на оптимизам за иднината“, рече Трас. „Кога го видовме падот на Берлинскиот ѕид и ја видовме слободата и демократијата и гордоста на нашите вредности кои влијаат на остатокот од светот, знаете, таа беше огромен лидер, лидер кој навистина го менува светот“.

Многумина експерти сметаат дека двајцата кандидати често ја спомнуваат Тачер поради економската криза со која се справува Британија. На британската јавност добро и е позната политиката на Тачер во справувањето со инфлацијата на земјата во тоа време.

Сунак, во интервју за британски „Телеграф“ изјави дека ќе биде тој што ќе ја наследи идеологијата на Тачер.

„Моите вредности се тачеристички. Верувам во напорна работа, семејство и интегритет. Јас сум Тачериец, се кандидирам како Тачериец и ќе владеам како Тачериец“.

Дебата Сунак-Трас/ Фото PA Images / Alamy / Alamy / Profimedia

Пресврт во веќе неизвесната трка за британски премиер

Има очигледни изборни причини зошто Трас и Сунак толку цврсто чекорат по овој пат. „Тачеровците“ се најпопуларни и најбројни меѓу членовите на Конзервативната партија и често ја користат таа идеологија за да ја опишат својата политика, покажа едно истражување на „ЈуГов“ од 2019 година.

Шансите на Лиз Трас да го освои лидерството на Ториевците достигнаа највисока точка од почетокот на кампањата, пишува „Телеграф“.

Анкетата на „КонзервативХоум“ на членовите на ториевците на 3 август покажа дека Трас има 32 процентни поени пред Сунак во трката за лидерство.

Истражувањето на околу 1.000 членови на ториевците покажа дека 58 отсто ќе гласаат за Трас и 26 отсто за Сунак, додека останатите нема да гласаат за ниту еден кандидат или рекле дека допрва треба да одлучат.

Сунак се соочува со критики откако беше обвинет дека го променил своето мислење за ветерниците, откако најави дека ќе ја укине забраната за нови турбини. Трас за овој случај рече дека тој „не е сиугрен во неговата политика“, откако Сунак минатиот месец соопшти дека не се согласува со планот за ублажување на забраната за ветерници.

Поранешниот министер за финансии во кабинетот на Џонсон, Сунак, денеска се соочи со нов удар откако неговиот колега и сопартиец, поранешниот министер за здравство, Саџид Џавид соопшти дека ќе ја поддржи Трас во трката за следен британски премиер, пишува „Гардијан“.

Саџид Џавид – Фотографија ЕПА, Вики Флорес

Кај Конзервативците постои сериозна поделба за многу прашања кои различно ги толкуваат двајцата кандидати. Најчесто прашање за кое се води дебата е британската економија.

Риши Сунак вети „враќање кон традиционалните конзервативни економски вредности“, позиција која различно се гледа како апел за инстинктивната фискална претпазливост на ториевците или желба да се врати „економијата на штедење“. Кога беше оспорен со тврдењата дека е „канцелар со високи даноци“, тој се насочи кон други кандидати кои нудат „утешителни бајки“ наместо да се соочат со тешката економска реалност. Тој рече дека има за цел да ги намали даноците, но сака прво да се справи со инфлацијата.

Лиз Трас вети дека ќе го поништи растот на стапката на национално осигурување, кој беше дизајниран да го финансира здравјето и социјалната заштита. Нејзината економска порака се заснова на ниски даноци и ниска регулатива, а таа на јавноста и соопшти дека ќе го третира позајмувањето создадено за време на пандемијата како воен долг што треба да се отпише во текот на подолг период, јави „Гардијан“.

Во секој случај трката за следен британски премиер е доста неизвесна. Британија на 5 септември ќе го дознае својот нов лидер, а тој ќе биде еден од Риши Сунак или Лиз Трас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот