Триото „Светлост“ ќе одржи концерт во Македонски паб „Ѕе“ во Скопје
Македонското фри џез-панк трио „Светлост“ повторно е во акција, а својата тридневна турнеја (Нови Сад, Белград, Скопје) ќе ја заврши на 31 јануари во Македонски паб „Ѕе“ во ГТЦ во Скопје, со концерт што е најавен за 21:30 часот.
Препорачано
Музиката на „Светлост“ носи елементи на дарк, дум, панк, модални и психоделични форми на џез-музиката. Нивниот албум „Everything Was As It Had Been a Minute Ago“ од 2024 година, како коиздание на „ПМГ Џез“ (Скопје) и „Инвертед спектрум рекордс“ (Будимпешта / Анкара / Белград), беше нивни трети албум на листата на „Бендкамп дејли“ меѓу „најважните џез-изданија на месецот“.
Триото „Светлост“ ја отсвиреа својата прва подолга меѓународна турнеја во 2024 година, а неодамна одржа серија концерти во Македонија, Србија, Хрватска и Словенија со легендите на фри-џезот Пол Нилсен-Лав и Кен Вандермарк. Нивниот заеднички албум ќе биде издаден оваа година.
Како трио „Светлост“ е основано во 2014 година од Нинослав Спировски (кларинет, сопран и тенор саксофон) и Дени Омерагиќ (контрабас, бас гитара, електроника), заедно со Кристијан Новковски (тапани).
Неодамна им се придружи и Драган Теодосиев (тапани), кој, покрај неговите матични проекти „Такси конзилиум“ и „Шок труперс“, е поврзан со „Светлост“ од 2019 година и свиреше на нивните (критички признати) албуми „Одрон ритуал оркестра“ (2019, „ПМГ Џез“) и „A Wave Returns to the Ocean“ (2021, „СЏФ Рекордс“).


