Три недели никој не му се јавил на телефон пред да почине: Перо Камиказа со трогателна приказна за режисерот Богдан Поп-Ѓорчев
Трогателна приказна за последните денови од животот на режисерот Богдан Поп – Ѓорчев, кој почина пред неполни шест години, сподели македонскиот музичар и актер Петар Георгиевски – Камиказа. Георгиевски рече дека никој од МРТ не дошол на погребот, а последниот број со кој контактирал пред три недели бил неговиот.
Препорачано
Богдан Поп – Ѓорчев е автор на култната серија „Трст виа Скопје“. Во својот статус, кој е комбинација од стар и нов текст, Камиказа сподели лични спомени, благодарност, но и разочараност од односот кон големото име на македонската уметност.
„И еве како се простивме од него. Сурова вистина.
Денеска го испративме на достоен начин, на патот кон вечниот дом, великанот на македонската режисерска палка, Богдан Поп-Ѓорчев. Во ‘Трст виа Скопје’ продефилираа повеќе од стотина глумци. Во Македонската радио-телевизија ги даде најубавите години од својот живот и остави неизбришлива трага со своите дела.
На денот кога требаше многумина да му изразат должно почитување, на патот кон вечноста едноставно не се појави никој од раководството на МРТ, ниту барем еден венец како знак на внимание – ништо. Од колегите што играа во неговите проекти, половина и повеќе не се меѓу живите, но другата половина се живи и здрави – никој.
И да, уште повеќе ме растревожи фактот што последниот број во телефонот со кого контактирал бил мојот (пред три недели). Муабетот беше долг и многу инспиративен, мислам дека траеше цел час и си кажавме сè и сешто. Можете ли да замислите дека ни додека беше жив никој не му се јавил да му честита за она што пред многу години го оставил зад себе, а за сите нас (одеше репризата на ‘Трст виа Скопје’)? Да му речат барем: ‘Браво бе, Боби’. Никој.
Но, Господ е голем и се надевам дека горе ќе му даде подобра дружина од нас. Уште еднаш, светол нека ти е патот кон ѕвездите.
Извинете за искреноста, но ‘збунетоста од нашето непочитување на вредностите’ морав да ја споделам со некого, за да не ми тежи“, напиша Георгиевски на Фејсбук, меѓу другото.напиша Георгиевски на Фејсбук, меѓу другото.
Во својот статус на Фејсбук, тој му се заблагодари на човекот кој ја создаде легендарната серија и истакна дека неговите дела ќе живеат вечно. Камиказа нагласи дека Поп-Ѓорчев му дал актерски идентитет.
„Пред само две недели ги ‘запаливме’ батериите на телефоните од муабет за сè и сешто, а најмногу за серијата која и по толку години изгледа како вчера да беше снимана. Патувај кај ангелите и душата твоја нека најде вечен мир. Вечно твој пријател и ‘должник’, Петар Георгиевски – Камиказа.
Во првите шест епизоди, на крајот ме убиваат, но сценаристот и режисерот во наредните седум епизоди ме оживеа. Загинав како Рио, продолжив како Мефо. И да, ми даде шанса да ја пишувам музиката за серијата ‘Трст виа Скопје’ и ми отвори уште едно ново поглавје во мојот креативен свет. Поп-Ѓорчев ќе остане запаметен како автор кој остави длабока трага во македонската телевизиска и театарска уметност, а ‘Трст виа Скопје’ и денес важи за едно од највпечатливите домашни остварувања“, напиша музичарот и актер.
Поп-Ѓорчев беше сценарист и режисер на култната телевизиска серија „Трст виа Скопје“ во продукција на Македонската телевизија.
Тој е режисер на играните филмови „Поштар“, „Јагне на ражен“ и „Исчекување“, како и на сериите „Случки од животот“ и „Еурека“.
Роден е во 1956 година, а дипломирал на Академијата за филм во Москва. Почина на 16 мај 2020 година.


