Три изданија на „ПНВ Публикации“ со промоција во МКЦ

Покана за настанот

Со тематски наслов „Во препев #1“ на 25 септември, во Младинскиот културен центар во Скопје, од 19 часот, ќе се одржи промоција на три изданија на „ПНВ Публикации“. Станува збор за книгите „Слободата чекори гола“ од Марам ал-Масри (Франција/Сирија), „На околу два и пол часа од рајот“ од Имануел Мифсуд (Малта) и „13 Хрватски поети (избор од современата хрватска поезија)“, со Лана Деркач (Хрватска).

На настанот ќе има поетско читање и разговор за предизвиците и задоволствата од преведувањето на делата помеѓу преведувачите Јулијана Величковска, Владимир Мартиновски, Славе Ѓорѓо Димоски и Ѓоко Здравески, и авторите Марам ал-Масри, Имануел Мифсуд и Лана Деркач. Настанот се одржува како вовед кон третото издание на Скопскиот поетски фестивал.

Марам ал-Масри е родена во 1962 г. во Латакија, Сирија. Студирала англиска книжевност на универзитетот во Дамаск, пред да почне да ја објавува својата поезија во арапските книжевни списанија во почетокот на ’70-те години на минатиот век. Од 1982 г. живее во Париз, Франција.

Денес, Марам ал-Масри се смета за еден од најрафинираните, највлијателните и најзнаменитите женски поетски гласови од нејзината генерација што ги одушевуваат читателите насекаде во светот. Нејзината поезија е високо вреднувана од критичарите во арапските земји и низ светот („Тајмс“, „Гардијан“ итн.).

Авторка е на повеќе од десетина стихозбирки, а нејзините книги и песни се преведени на повеќе од 20 светски јазици. Учествувала на бројни интернационални поетски фестивали во Франција и низ светот, а нејзините дела се објавувани од најпрестижните издавачки куќи во Британија, во Франција, во Италија, во Шпанија, во Ирска итн.

Марам ал-Масри е позната авторка за македонската публика, таа учествувала и на Струшките вечери на поезијата и на Поетска ноќ во Велестово. Избор од нејзината поезија во превод од англиски на Никола Маџиров, под насловот „Бездната на едно отсуство: избрани песни“, беше објавен од СВП во 2009 г., а стихозбирката „Слободата чекори гола“ во препев од англиски јазик на Јулијана Величковска беше објавена во 2021 г. од „ПНВ Публикации“, Скопје.

Имануел Мифсуд (Малта, 1967) е една од водечките фигури на малтешката книжевна генерација по 90-тите. Неговите книги се нашироко преведувани, особено романот „Во името на таткото (и на синот)“, што беше награден од Европската Унија и преведен на единаесет јазици. Неговите најнови романи, раскази и стихозбирки исто така се преведени на многу јазици.

Покрај прозата и поезијата, Мифсуд е автор и на две книги за деца. Во 2014 година, на Мифсуд му беше доделен „Орден за заслуги“ од Република Малта како признание од државата за неговите книжевни потфати.

Мифсуд докторирал книжевност на Универзитетот во Малта, каде што предава современа литература и теорија на книжевноста. Имануел Мифсуд има неколку преводи на македонски јазик: романот „Во името на таткото (и на синот)“, во превод на Владимир Јанковски („Готен“, 2015), стихозбирката „Скопски блуз и други песни од Македонија“ во препев на Елена Пренџова („Академски печат“, 2018) и стихозбирката „На околу два и пол часа од рајот“, во препев од англиски на Јулијана Величковска, што со поддршка на Фондот за книги на Малтешкиот национален совет за книги (National Book Council’s Malta Book Fund 2021 @nbc_malta) годинава беше издадена од „ПНВ Публикации“, Скопје.

Лана Деркач (Пожега, Република Хрватска, 1969) пишува поезија, проза, драми и есеи. Застапена е во земјата и во странство во многу антологии, панорами и зборници. Учесничка е на бројни меѓународни поетски фестивали и разни книжевни настани. Нејзини текстови се преведени на 20 јазици.

Добитничка е на повеќе книжевни награди, меѓу кои и: Хрватската книжевна награда „Здравко Пуцак“,„Духовен дабјак“ (Duhovno hrašće), „Vinum et poeta“ и „Ристо Ратковиќ“ за најдобра збирка песни на просторот на Црна Гора, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина. Уредила две поетски панорами. Објавила десет збирки поезија, три збирки раскази, збирка драми, збирка есеи и роман во Хрватска, како и книги во: Мексико, Белгија, Тунис и Црна Гора. Штотуку ѝ излезе од печат книгата раскази „Адресар на смртта“ (Adresar smrti) објавена во издание на „Фрактура“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот