Трендафилов: Дојдете на протест, не може друг да се бори за вашата плата
Сметаме дека 1.667 денари усогласување само на минималната плата е недоволно во овие услови во кои живееме затоа што трошоците за живот секојдневно растат, а особено заради тоа што вредноста на синдикалната минимална кошница за само два месеци е зголемена за 2.000 денари
На 14 март, во 12 часот и 5 минути ќе се одржи работнички протест за поголеми плати, а претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов повика на масовност затоа што, како што кажа, никој не треба да чека некој друг да се бори за неговата плата.
Препорачано
-Тие сметаат дека ви ја даваат платата која вие ја заработувате, но вие ја заработувате вашата плата со вашата пот и со вашата мака. Сметаме дека 1.667 денари усогласување само на минималната плата е недоволно во овие услови во кои живееме затоа што трошоците за живот секојдневно растат, а особено заради тоа што вредноста на синдикалната минимална кошница за само два месеци е зголемена за 2.000 денари. Тие сметаат дека вие сте задоволни со ништо или дека сте задоволни со ронки, наспроти луксузот кој им го овозможувате – рече Трендафилов.
Тој вели дека податоците на Управата за јавни приходи покажуваат дека 160.000 работници живеат со плата под прагот на сиромаштијата.
Трендафилов објасни и дека откако ССМ протестно ја напушти седницата на Економско-социјалниот совет немал кворум за носење на какво било одлука за усогласување или утврдување на износот на минимална плата.
-Затоа нејасно е како изјавуваат лесно дека тие ја утврдат новата висина на минималната плата согласно законските критериуми. Согласно Закон потребно е мислење на Економско-социјалниот совет на кое треба да гласаат социјалните партнери, а за да функционира Економско-социјалниот совет треба да има претставници од сите репрезентативни организации и на работниците и на работодавачите – рече претседателот на ССМ.
ССМ бара минимална плата од 600 евра и усогласување на сите други плати по 6.000 денари.


