Тренчевска: Предизвиците се во родовите стереотипи, да се насочиме кон нивно надминување

Јованка Тренчевска/Фото: МИА

Еден од предизвиците кога станува збор за родовите прашања е целосно спроведување на законодавството, односно се што претставува законска рамка и стратешки документ. Предизвиците се во родовите стереотипи и мора да признаеме дека сите заедно треба да се насочиме кон надминување на стетреотипите и предрасудите врзани со улогите на жените и мажите и сите заедно да се насочиме кон што подобра имплементација на законската регулатива, порача денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска од собраниската говорница во Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.

На седницата на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на чиј дневен ред беше Информацијата за напредокот за родовите прашања во последните две децении во Република Северна Македонија, Тренчевска нагласи дека се што е постигнато изминатите 20 години до формирањето на Клубот на пратенички е успех на сите жени во државата.

Кога зборуваме за родова еднаквост треба да сме единствени како жени во државата, особено во Парламентот за прашања со кои си ја подобруваме положбата и наша и на останатите жени во сите сфери на општественото живеење. Навистина како жени направивме многу во однос на родовата еднаквост, во делот на законската регулатива, стратешката регулатива, во тој дел ни се останати предизвиците за што подобра имплементација на законската регулатива, вели Тренчевска.

Имаме резултати, рече таа, но не смееме да се задоволиме со нив и затоа уште еднаш нагласи дека сите заедно треба да продолжат во подобрувањето на законската регулатива и имплементацијата.

Министерката ја презентираше Информацијата која се осврнува низ неколку аспекти за тоа каде и што имаат направено, каде сме биле, каде сме сега и која е визијата за иднина. Во владината Информацијата испратена до Собранието нотирани се значајни позитивни промени за родовата еднаквост во земјава во последните 20 години.

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова нагласи дека дојде време на родово соочување, потенцирајќи дека „ќе ги обвинат за правен и институционален илузионизам“.

Мислам дека веќе нема време за одлагање, бидејќи ќе не обвинат за правен и институционален илузионизам. Убаво е да се повикувате на законите, инситуциите, но реалноста е малку поинаква. Немаме веќе каде да одиме и мислам дека ќе остане забележано дека 2023 година е годината кога низа од заложбите и законсктие одредби се реализирани и дека институциите навистина веќе функционираат, рече Силјановска Давкова.

Информацијата за напредокот за родовите прашања утре ќе се најде на пленарна седница во Собранието. Во собраниската Комисијата за еднакви можности на жените и мажите денеска беа усвоени заклучоци, на дневниот ред на утрешната пленарна седница да се стават: измена и дополна на Изборниот законик во правец на постигнување целосна родова еднаквост како на листите за пратенци, така и советници, измена и дополна на Законот за Влада преку воведување на најмалку 40 посто жени во извршната власт, измена и дополна на Изборниот законик и воведување квота од 30 проценти од помалку застапениот пол за избор на градоначалници, усвојување на законот за родова еднаквост и формирање секретаријат до крајот на 2023 година, донесување на родово сензитивен деловник за работа на Собранието до крајот на 2023, законско регулирање на итнернет просторот за спречување на говорт на омраза, како и следење на имплементацијата на законските решенија поврзани со родовите прашања во согласност со планот за родово сензитивно Собрание 2022-2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот