Тимчо Муцунски / Фото: Фејсбук

Транспарентност по мерка на Владата и на МНР – портпаролот на министерот Муцунски наречен Фејсбук

Одговорите на нашите прашања за патувањата на министерот Тимчо Муцунски се сведоа на „совет“ да се следи официјалната веб-страница на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и официјалниот Фејсбук профил на министерот, „при што секое заинтересирано лице има слободен пристап до истите“?!

Транспарентноста на Владата ќе биде врвен приоритет во функционирањето. Превентивната улога на транспарентноста во работата на институциите е еден од механизмите за подобрување на нивната работа, како во зголемување на нивната ефикасност, така и во насока на намалување на можностите за каква било форма на злоупотреби и корупција.

Ова е дел од кусиот план за транспарентност во владината програма што ја поднесе премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на мандатот.
Во планот уште стои дека „ќе се зголеми бројот на отворени податоци во компјутерски обработлив формат. Отворените податоци редовно ќе се ажурираат и истите ќе можат да се користат слободно, без ограничувања“.

Кога зборуваме за отворените податоци, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски ги нарече „гориво на иднината“ и кажа дека „сѐ што е создадено со јавни средства, треба да е пристапно на јавноста“.

И не само Владата, туку и сите министерства, како што стои на нивните интернет страници, се посветени на транспарентноста. Па така и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„Министерството останува посветено на транспарентно и одговорно информирање на јавноста, врз основа на проверени и релевантни извори“, пишува во една реакција до нашиот медиум.

Едно е на хартија и декларативно, друго – во пракса

Со зборови на хартија се чини дека транспарентноста функционира онака како што треба. Но, во пракса, за жал, транспарентноста не изгледа баш така.

„Слободен печат“, користејќи алатка, односно контролен механизам на транспарентност на институциите – Агенцијата за заштита на правото за слободен на пристап до информации од јавен карактер на почетокот на годинава испрати неколку прашања до МНР:
– Колку надворешни советници има министерот (Тимчо Муцунски), кои се, за што го советуваат, за кој период се ангажирани и за колкав хонорар?
– На порталот Отворени финансии, освен што има повеќе исплати за договорни услуги кон физички лица, има податоци за исплати од МНР кон ПРИВАТНА АГЕНЦИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ЏОБ 2011 СКОПЈЕ и тоа од 46.610 (најмалку) до 764.369 денари (најмногу). За кои лица се работи и за колкав хонорар, но и за какви услуги?
– Колку патувања во странство има реализирано министерот Тимчо Муцунски во текот на 2025 година, каде и колку денови?
Прашањата беа испратени на 12 јануари, а одговорот од МНР, потпишан од директорот Веле Трпевски, стигна на 6 февруари. Значи подоцна од законскиот рок од 20 дена за одговор.

И дури и ако се занемари доцнењето од неколку дена, одговорите воопшто не се занемарливи. Во нив транспарентноста за патувањата на министерот се сведе на „совет“ да се следи официјалната веб-страница на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и официјалниот Фејсбук профил на министерот, „при што секое заинтересирано лице има слободен пристап до истите“?!

Што предвидува законот

Колку за појаснување, во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер јасно стои дека „Имателите на информации за својата работа се должни да овозможат информираност на јавноста. Имателите на информации се должни да обезбедат информирање на јавноста за службеното лице за посредување со информации.

Службеното лице за посредување со информации контактира и ги дава потребните информации и му помага на барателот на информации за што води посебна евиденција за примањето на барања за информации, чувањето и давање на информациите“. Во истиот Закон никаде не стои дека Фејсбук профил, па макар и да е официјален е официјален канал за информирање и за добивање информации од јавен карактер, како што нѐ посоветуваа од МНР.

Зарем некој таму може да помисли дека „барателот“ на информацијата, кој и да е, ќе седне и ќе „скрола“ низ официјалниот Фејсбук профил на Муцунски за цела измината година па ќе подзастане на фотографиите од приеми на пример, на сликичките од телефонски разговори со странски функционери, па ќе ја прочита „искрената благодарност до претседателот Христијан Мицкоски за довербата, како и до членовите на Централниот комитет за поддршката, но и до секој член на ВМРО-ДПМНЕ“, ќе се задржи на средба во Стопанската комора, па на средбата со Унијата на жени од ОК Аеродром, ќе ја слушне селфи изјавата на министерот од аеродромот во Литванија, ќе го гледа пуштањето во употреба на детско игралиште, ќе стигне до двата круга на локалните избори… Истовремено ќе брои и запишува каде сѐ бил министерот.

Мистериозни посети на Муцунски на САД и Австралија

И пак нема да ги најде сите патувања и посети. Така на пример, последното патување на Муцунски во САД не беше никаде „документирано“, ниту на сајтот на МНР ниту на Фејсбук. На прашањето на „Слободен печат“ зошто е во министерот во САД го добивме следниот одговор: „Министерот Муцунски во САД учествува на економско-инвестициски настан организиран од Светскиот економски форум. Учеството е по покана и опфаќа селектирана мрежа на актуелни и поранешни шефови на влади, министри и високи носители на одлуки во најголемите светски корпорации. По завршувањето на настанот, МНРНТ ќе ја информира јавноста“. И за разлика од сите други посети, овојпат немаше ниту една фотографија на официјалниот Фејсбук профил, ниту подетална информација. Муцунски пред неколку дена објаснуваше за настанот, меѓутоа не кажа кој сѐ учествувал, а по советот од МНР, кога пребаравме на сајтот на Светскиот економски форум, не најдовме ниту еден настан во САД. Најавен беше само собир во организација на Форумот на 16 и 17 март, но во Михнен.

Да се вратиме на другиот „совет“ од МНР, ако сакаме да дојдеме до бараната информација да ја следиме официјалната страница на Министерството. Но, и таму не се доаѓа до потребните информации. Така на пример на страницата на Министерството нема соопштение за посетата на министерот на Австралија, најавена во медиумите за периодот од 5 до 13 февруари лани. Од тој период има соопштение од 24 јануари 2025, а наредното е од 16.03.2025. Значи речиси десетдневниот престој во Австралија не е „покриен“ со соопштение. И тој престој сигурно не е единствениот „непокриен“ бидејќи во одреден период сајтот од технички проблеми не бил функционален.

Што се однесува до другото прашање за ангажирани физички лица преку ПРИВАТНА АГЕНЦИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ЏОБ 2011 СКОПЈЕ – За кои лица се работи и за колкав хонорар, но и за какви услуги, повторно нецелосен одговор, ги нема имињата што ги побаравме. Наведени се само „административните звања“, како што пишува: самостоен соработник, стручен соработник, соработник, референт, ниту кој ниту за што. Единствено конкретни се возач и хигиеничар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот