Трамп: Путин ме информираше за нападот на Украина врз неговата резиденција, тој потег не е добар
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин го информирал утрово во телефонски повик за наводниот украински напад со беспилотни летала врз една од неговите резиденции, велејќи дека потегот „не е добар“.
Препорачано
„Не ми се допаѓа. Не е добро“, рече Трамп, според Си-ен-ен.
Трамп призна дека е „можно“ тврдењето да е лажно и дека таков напад не се случил, но додаде дека Путин утрово му рекол дека се случил.
„Тукушто слушнав за тоа, но не знам ништо за тоа. Тоа би било лошо. Тоа не би било добро“, им рече Трамп на новинарите пред средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Флорида.
Трамп го опиша својот разговор со Путин како „продуктивен“, но рече дека сè уште има прашања што треба да се решат за да се постигне мировен договор во Украина, објави Танјуг.
„Беше многу продуктивна дискусија. Имаме некои многу чувствителни прашања, како што можете да замислите. Имаме некои прашања што се надеваме дека ќе ги решиме и ако ги решиме, може да се постигне мир“, рече Трамп.


