Фото: EPA/KEVIN DIETSCH / POOL

Трамп кажа зошто ги објавил пораките на Макрон

Претседателот Доналд Трамп изјави за „Њујорк пост“ дека ги објавил приватните текстуални пораки од францускиот претседател Емануел Макрон и од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, зашто „тие ја потврдувале неговата поента“, додека истовремено кажа дека понеделникот го поминал спречувајќи бегство од затвор во Сирија на европски терористи.

Трамп објави пораки со пофални тонови од Макрон и Руте, во кои тие го фалат американскиот претседател за нејасно наведени активности во Сирија и го молат за дијалог околу неговата намера да го анектира Гренланд, само неколку часа пред светските лидери да се соберат на самитот во Давос, Швајцарија.

– Тоа едноставно ја докажа мојата поента. Тие велат: „О, боже, ајде да вечераме, ајде ова, ајде она“. Тоа само ја потврди мојата поента – изјави Трамп за пораките на лидерите, откако тој се закани со царини од 10 отсто, кои треба да стапат на сила на 1 февруари, за осум европски земји што се противат на неговата идеја САД да го преземат Гренланд.

Трамп рече дека Макрон и Руте го пофалиле за неговата, досега непозната, улога во Сирија затоа што, како што вели, „направил одлична работа“.

– Знаете што направив? Спречив бегство од затвор. О, завршивме одлична работа во Сирија. Имаше бегство од затвор. Европски затвореници бегаа и јас го спречив тоа. Тоа беше вчера. Европски терористи беа во затвор. Имаше бегство. И работевме со сириската влада и со новиот лидер на Сирија, ги фатија сите затвореници, ги вратија назад во затвор, а тоа беа најлошите терористи во светот, сите од Европа – рече Трамп.

Трамп објави преписка со Макрон и Руте за Гренланд и Блискиот Исток

Бегството од затворот „Ал Шадади“, во североисточната сириска провинција Хасака, се случи во момент кога силите на сирискиот претседател Ахмед ел Шараа напредуваа против поранешните сили поддржани од САД и предводени од Курдите — Курдските демократски сили (СДФ), кои во изминатата деценија се бореа со екстремистите и ги држеа затворени.

Борбите завршија во неделата со договор курдската група да се откаже од регионалната автономија и да ѝ ја предаде контролата врз објектите во кои се држат околу 8.000 борци на Исламска држава.

Сириското Министерство за внатрешни работи во понеделникот соопшти дека 81 од 120 избегани припадници на ИСИС биле повторно уапсени.

Објавувањето на приватни пораки од страна на Трамп на платформата „Трут сошал“ ја разоткри неформалната дипломатска комуникација меѓу светските лидери, во момент кога американскиот претседател го засилува притисокот врз европските сојузници со цел да ја натера Данска да ја отстапи контролата врз Гренланд.

Во една од пораките, францускиот претседател Емануел Макрон му порачува дека Париз е усогласен со Вашингтон околу Сирија, изразува подготвеност за соработка и за Иран, но воедно наведува дека не го разбира потегот со Гренланд, предлагајќи по Давос да се организира состанок на Г7 во Париз со вклучување на повеќе меѓународни актери, меѓу кои и Русија, а и со заедничка вечера со Трамп пред неговото враќање во САД.

Околу 120 членови на Исламска држава избегаа од затвор во Сирија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот