Трајко Недев: Сум видел кризи, но никогаш ваква состојба во македонскиот шах
Велемајсторот зборуваше за проблемите во македонскиот шах, за двојството во раководството на Федерацијата, за неодржаните или пропуштени првенства, за тоа што, според него, би требало да се направи за да се подобри ситуацијата…
Повеќе проблеми веќе некое време го оптоваруваат македонскиот шах и се манифестираат на домашната сцена, но и во меѓународните активности. Федерацијата има двојство во раководството, големи финансиски долгови, не е одржано државно првенство, Македонија не учествуваше на Европското екипно првенство, млади селекции пропуштаат меѓународни настани…
За проблемите во нашиот шах зборувавме со велемајсторот Трајко Недев (52), наш познат шахист, репрезентативец, олимпиец, а моментно прв човек на ГШК Неготино.
Препорачано
* Според она што допира до јавноста, шаховската сцена во Македонија е обременета со повеќе проблеми. Кои, според вас, се најголемите проблеми што бараат најургентно решавање?
– Најитно и најважно прашање во овој момент е изборот на ново, легитимно раководство на Шаховската федерација на Македонија. Во моментов, најголемиот проблем е финансиската состојба на Федерацијата, која е исклучително тешка и оптоварена со долгови. Но, без валидно и легитимно раководство, овој проблем не може ниту да се реши ниту сериозно да се адресира. Тоа мора да се случи на регуларно Собрание, на кое право на глас ќе имаат само клубови со валидна регистрација, активен статус и уредна документација, согласно закон и статут. Без такво Собрание нема легитимитет, нема доверба и нема стабилност. Сè додека Федерацијата функционира во правен и организациски вакуум, сите други проблеми, вклучително и финансиските, се само последица на оваа основна слабост.
*На кој начин тие можат да се решат?
– Новото раководство мора да воспостави професионална, партнерска и долгорочна соработка со Министерството за спорт, кое со години е најголемиот финансиски поддржувач на македонскиот шах. Наместо конфронтација, тужби и судири, потребен е дијалог и заемна доверба.
Федерацијата не смее да го третира Министерството како противник, туку како стратешки партнер. Без стабилна институционална поддршка нема долгорочни програми, нема системска работа со млади и нема развој.
* Наводно, не е одржано државното поединечно првенство за лани, нема учества на меѓународни големи настани во млади категории. Македонија не учествувала ни на екипното ЕП…
– За жал, се покажа дека актуелното раководство нема капацитет да обезбеди стабилно финансирање и нормално функционирање. Последиците се јасни: нема државни првенства, доцнат награди, нема редовни репрезентативни настапи, нема младински учества, нема системска поддршка. Во одредени периоди македонскиот шах функционираше без основни елементи на спортски систем. Овие години можат да се оценат како едни од најтешките во нашата историја. Затоа е неопходна што поскоро промена.
*Постои двојство во раководството на Федерацијата. Еден претседател фигурира во ЦРМ (Саша Богдановиќ), друг претседател фигурира во ФИДЕ (Воислав Мерџаноски)?! Колку е ваквата апсурдна ситуација штетна?
– Недозволиво е една национална спортска федерација, особено во ваква тешка финансиска и организациска состојба, да функционира со двајца „претседатели“ речиси цела година. Тоа не е само апсурдна, туку и сериозно штетна ситуација. Наместо брзо и одговорно да се најде решение, впечаток е дека проблемот свесно се одолговлекува, како никому да не му одговара да се расчисти состојбата. Едниот постојано медиумски се експонира, другиот формално фигурира со години, а федерацијата во меѓувреме тоне во долгови и хаос. Наместо чувство на одговорност, гледаме борба за позиции. И двајцата имаа можност, доколку имаа визија и капацитет, да придонесат за надминување на кризата, но тоа не се случи. Дополнителен проблем е што ниту еден од надлежните органи – Управниот одбор, Надзорниот одбор или претседателите – не презеде иницијатива за свикување Собрание. Системот е практично закочен. Затоа станува сè појасно дека Министерството за спорт ќе мора посериозно да се вклучи за да се надминат овие аномалии и да се заштити иднината на македонскиот шах.
*Присутни сте во македонскиот шах одамна и имате голем придонес во резултатите. Колку е тешка состојбата во моментов, според вас?
– Шахот за мене е живот. Повеќе од 35 години сум професионално во него. Сум видел кризи и блокирани сметки, но никогаш ваква состојба како денес. И во најтешките времиња се наоѓаа решенија за натпревари и настапи. Денес имаме институционален застој, раздор меѓу клубовите и губење доверба. Тоа е најопасно. Не недостигот на пари, туку недостигот на единство. Македонскиот шах заслужува нова шанса. Нашите играчи, младите таленти и тренерите го заслужуваат тоа. Обврска на сите нас е да ја дадеме.


